Министерката за правда Рената Дескоска го поздрави формирањето на Судско-медиумски совет кој на повисоки основи треба да ја подигне соработката на судството со новинарската фела, од аспект на зголемување на транспарентното работење на судовите и објективното новинарско известување.
Дескоска, како што информираат од Министерството за правда, на промоцијата на советот истакна дека изминатите години јавноста сведочела на честите злоупотреби на медиумите од страна на извршната власт преку објавување на снимки од притварања и судски приведувања на лица, целосно погазувајќи го начелото за презумција на невиност.
– Овој судско-медиумски совет со својата работа треба да ја зајакне довербата меѓу овие две фели и да овозможи правилно и објективно информирање за судските процеси од интерес на јавноста, без при тоа да се нарушуваат основните човекови права на учесниците во постапките, истакна Дескоска.
Министерката потенцираше дека транспарентното и јавно работење на државните органи ја одразува положбата на државните органи во едно демократско општество.
– Ова начело се однесува и на судовите кои се основани како државни органи и се носители на судската власт во државата. Јавноста во судската постапка е една од фундаменталните уставни претпоставки која го обезбедува правото на правично судење, потенцираше Дескоска.
Потенцираше дека учество на јавноста обезбедува легитимност на судската одлука, а на тој начин и се гради довербата во работата на судовите.
Министерството за правда, се вели во соопштението, со последните измени на Законот за судовите и на Законот за судски совет, кои беа донесени од Собранието на Република Македонија, воведува поголема транспарентност во работењето на Сускиот совет.