МПЦ во период меѓу надежта и реалноста
Очекувањата на аналитичарите се дека во следната 2019 година ќе се интензивира дијалогот меѓу МПЦ-ОА и Вселенската патријаршија, особено поради тоа што во мај 2018 година, првпат јавно, вселенскиот патријарх се заложи за македонското црковно прашање, нешто што во минатото не беше случај, бидејќи истото тоа се препраќаше на разгледување кај Српската православна црква во Белград
Дали Македонската православна црква – Охридска архиепископија реално може да очекува следната 2019 година да биде клучна во процесот за признавање на нејзиниот автокефален статус? Колкави се надежите вселенскиот патријарх Вартоломеј оваа година да стави потпис на томос за нејзината автокефалност? Овие дилеми се некои од приоритетните прашања за решавање за МПЦ-ОА во следната година, особено ако се има предвид дека почетокот на 2019 година се врзува и со рокот за реализација на спогодбата од Преспа.
Аналитичарите сметаат дека МПЦ-ОА има право да очекува поместување на прашањето околу признавањето на автокефалноста од Цариград во 2019 година, но сепак сметаат дека надежите за доделување автокефалност тешко можат да станат реални, барем не за во 2019 година.
„Нова Македонија“ уште пред повеќе од половина година напиша дека вистинската адреса за решавање на канонскиот статус на МПЦ-ОА е токму Вселенската патријаршија, а како прв македонски дневен весник има одговорност со факти да ја сведочи вистината за реалноста на МПЦ-ОА, како темел на посебниот идентитет и со векови чувар на македонскиот идентитет, јазик и култура. Половина век од историската 1967 година МПЦ-ОА е жива црква со развиено монаштво, просветни институции, вредни фрески и икони, цркви и манастири, какви што немаат голем број православни цркви.
Андреја Богдановски, докторанд на Универзитетот во Бакингем, Велика Британија, кој истражува на темата „Црковната политика во православната црква“, вели дека постои впечаток дека црковното прашање оди рака под рака со имплементацијата на Преспанскиот договор и доколку тој биде усвоен и успешно имплементиран тоа може дополнително да ги засили надежите дека ќе има и поместување околу црковниот спор, бидејќи ќе ја отвори и можноста за преименување на МПЦ-ОА.
– Наредната 2019 година ќе биде клучна година во однос на функционирањето на новата православна црква во Украина, која беше формирана на 15 декември 2018 година. Сите погледи ќе бидат вперени во тоа дали одлуката на вселенскиот патријарх Вартоломеј, да ја признае за автокефална оваа црква, беше исправна. Раздорот што се направи внатре во православната црква по однос на украинското црковно прашање е голем. Шест од четиринаесет цркви не го одобруваат доделувањето автокефалност за Украина и се противат на таа одлука, меѓу нив е и најмноубројната – Руската православна црква, која вклучува половина (150 милиони) од 300-те милиони православни верници низ светот – анализира Богдановски. Според него, од ова зависат и новите потези што би ги влечел вселенскиот патријарх во однос на Македонската црква. Смета дека во ситуација во која постои раздор внатре во самата црква, вселенскиот патријарх ќе биде доста претпазлив за да не ги наруши уште повеќе односите помеѓу помесните цркви.
– Во 2018 година високи претставници на СПЦ во неколку наврати остварија средби и комуникација со патријархот Вартоломеј во кои, преку спорење на автокефалноста за Украина, му дадоа јасно на знаење дека треба да се држи подалеку од македонското прашање. Судејќи според обемноста на активностите што украинскиот претседател Порошенко ги презема во изминатите четири години ќе заклучиме дека македонските власти, како и црковните претставници треба да покажат поголема ангажираност по однос на ова прашање, се разбира во рамките на нивните законски ограничувања – додава аналитичарот.
Верскиот аналитичар Бранко Ѓорѓевски смета дека се добри шансите во 2019 година МПЦ да добие томос за признавање на нејзината автокефалност од страна на Вселенската патријаршија.
– Се разбира, условот за ова е прифаќањето на договорот со Грција од страна на нашата земја, а тоа е нешто што се очекува дека ќе се случи. Без тоа, нашето барање ќе заврши во фиоките на Вселенската патријаршија и ќе чека некој нов договор доколку биде можно тоа – додава Ѓорѓевски. Според него, во случај на прифаќање на договорот од Преспа, тогаш и Вселенската патријаршија ќе го прифати нашето барање.
– Во случајот на Украинската православна црква се виде дека Вселенската патријаршија не отстапи од својата намера и не ја поколеба ставот на Руската црква. Сѐ уште не се случија ниту големи реакции на други православни цркви. Тоа може да ја охрабри ВП многу брзо да преземе некој потег во однос на МПЦ. Судејќи по она како се однесува СПЦ во однос на Украина и во однос на Руската црква, сметам дека кога ВП би нѐ признала за автокефална црква не би се случиле некои големи потреси од другите цркви – истакна аналитичарот.
Секоја црква својата автокефалност ја решавала на различен начин
Прашањето за доделување автокефалност на една православна црква веќе долги години стои закочено во православниот свет. На последниот собор на Крит во 2016 година, на кој не учествуваа Руската православна црква и уште неколку православни цркви, таа точка не се најде на дневен ред, бидејќи претходно не беа усогласени сите детали како да ѝ се додели автокефалност на една црква.
Руската православна црква инсистира томосот на новата автокефална црква да го потпишуваат сите поглавари на веќе признаените автокефални православни цркви, односно се залага за консензус. Од друга страна, пак, вселенскиот патријарх смета дека томосот треба да го потпишува само тој, а се согласува претходно да има консензус од сите православни цркви за новата православна црква. Меѓутоа, таква одлука не е изгласана во православниот свет.
Низ историјата е познато дека секоја црква има свој пат и својот статус го решавала на различен начин, а на некои цркви им биле потребни и векови за да го воспостават самостојниот црковен статус во православието.
Владиците се надеваат на томос
Владиците во МПЦ-ОА се воздржани околу коментирањето на состојбите за признавањето на автокефалниот статус на нашата црква. Не сакаат да даваат некакви дополнителни предвидувања, кои би можеле да одат во насока на негативно толкување од страна на Вселенската патријаршија. Велат дека целата состојба треба претпазливо да се одвива, особено зашто за решавање на целиот процес е потребно и многу време.
Владиката Пимен, одговорен за Европската епархија при МПЦ-ОА, не се надева дека во скоро време ќе се случи нешто значајно со автокефалноста на нашата црква.
– Можеби следната година би се случил некој почеток на разговори меѓу нас и Вселенската патријаршија, но не очекувам да се стигне и до конечно решение. Тоа би бил процес што би траел подолго време – посочува г. Пимен.
Владиката Тимотеј, портпарол на Синодот на МПЦ, пак, вели дека можеме само да се надеваме дека во 2019 година би се случиле некакви придвижувања за ова прашање. Не сакаше да открие ниту дали владиците имаат некакви неофицијални разговори со Вселенската патријаршија.
– Сѐ уште нема нови ситуации по ова прашање. Јавноста ќе биде известена навремено кога ќе имаме новини – кратко изјави г. Тимотеј.