Фото: Маја Јаневска-Илиева

Забележливото отсуство на солидарност од Европа кон Италија, чии апели за помош за справување со коронавирусот не наидоа на одзив од членките на ЕУ, наведува на заклучок дека секоја држава треба сама да се грижи за себе, односно да не се надева на спас од европскиот блок, дури и во кризна ситуација каква што е ширењето на заразата низ Стариот Континент

Што може да очекува Македонија гледајќи
го отсуството на солидарност од ЕУ кон Италија?

Може ли Македонија да очекува нешто поконкретно од Европската Унија (ЕУ), гледајќи го начинот на кој европскиот блок се однесува кон Италија? Имено сега, кога најпогодената европска држава од коронавирусот, Италија, бара помош за спречување на ширењето на заразата, забележливото отсуство на солидарност од Европа кон Италија, чии апели за помош за справување со коронавирусот не наидоа на очекуваниот одзив од членките на ЕУ, наведува на заклучок, кој не се ограничува само на „давањето помош поради вирусот ковид-19“. Една стара англиска поговорка вели дека „пријателот што ќе се најде да помогне во неволја е вистинскиот пријател“.

А од реакцијата и политиките на ЕУ може само да се заклучи дека секоја држава треба сама да се грижи за себе, односно да не се надева на подадена рака од Унијата, дури и во кризна ситуација каква што е ширењето на заразата низ Стариот Континент. Во прилог на ваквото размислување оди информацијата оти само една членка на ЕУ одговорила на барањето на Италија за испраќање дополнителна заштитна опрема, како што се маските за лице.

Поголема верба во себе и, се разбира, напорна работа на себе и за себе

Македонија очигледно може да извлече поука од оваа ситуација и кога станува збор за процесот за членство во ЕУ, односно за отворање на пристапните преговори со Унијата и да се насочи кон спроведување на потребните реформи, наместо да очекува олеснување од европските лидери и помош од страна.

Наместо да размислуваат за очекувањата од добивање датум, македонските носители на политичката сцена, се разбира и државните функционери, треба да се концентрираат на реформите што постојано се повторуваат како услов и со сите сили да се впрегнат во работа за нивно спроведување. Тие првенствено ни се потребни нам. Особено бидејќи е извесно оти започнувањето на пристапните преговори не зависи од нас, па не треба ни да се робува на добивањето датум, што всушност го пренасочува вниманието од остварување на суштинските чекори.

Тромоста на ЕУ

Европските министри за здравство се собраа на вонреден состанок во петокот за да се соочат со ширењето на коронавирусот низ блокот. Целта на состанокот беше дефинирање на следните чекори и тестирање на подготвеноста на ЕУ, земајќи предвид дека дотогаш имаше повеќе илјади заболени во 24 земји-членки. Со случајот на Италија, пак, нагласена е итноста на обидот на Брисел за оркестрирање координиран одговор на епидемијата и за искористување на релативно ограничените овластувања при итни случаи за јавното здравје, наспроти пошироките овластувања на земјите-членки.

Претходно, европските институции имаа различни одговори на заразата. Европскиот парламент го ограничи влезот во своите објекти во Брисел и откажа голем број настани, додека Комисијата и Советот главно продолжија да функционираат на вообичаениот начин.
Германија и Чешка, пак, одлучија да го забранат извозот на медицинска заштитна опрема, како што се маските и ракавиците. Целта на ваквата мерка беше обезбедување доволно опрема за нивните здравствени работници. Со таквата одлука не се согласи холандскиот министер за здравство Бруно Бруинс, кој истакна дека е важно да се покаже солидарност, особено во ЕУ.

Каква поука може да извлече Македонија од случувањата
во Италија и односот на ЕУ – Фото: Маја Јаневска-Илиева

– Разбирам дека некои држави сега преземаат мерки за обезбедување на сопствените резерви. Но верувам дека таквите мерки не се решение за оскудицата од која моментно е погодена цела Европа – истакна Бруинс.
А дури и при преземените чекори на ЕУ, симптоматичен е бавниот механизам за нивно спроведување. Европската комисија минатата недела одлучи да почне заедничка набавка на заштитна опрема со вклучување на 20 членки, со што конкретните резултати од процесот се очекуваат во наредните неколку недели, како што најави европската комесарка за здравство Стела Кириакидис. Комисијата ќе организира и втора набавка, која се однесува на респираторни машини, што беше поддржана од Италија.
Случајот на Италија, односно реакцијата на Унијата, понуди вредна лекција за Македонија, која со извлекувањето поуки треба да се сконцентрира на спроведувањето на реформите и на достигнување на европските стандарди, што ќе оди во прилог на остварување на триесетгодишната амбиција за влез во ЕУ. 


Непредвидливоста на европските лидери се познава во криза

Неволноста за давање помош на Италија покажува колку можат да бидат непредвидливи постапките на европските лидери во кризни ситуации. ЕУ претходно им даде помош на Иран и на Кина, а сега не се солидаризира со Италија. Германија, Франција и Велика Британија минатата недела објавија дека ќе му испратат помош вредна пет милиони евра на Иран, кој исто така е погоден од коронавирусот. Токму Италија беше една од петте земји-членки на ЕУ, кои неодамна се обврзаа да испратат повеќе од 30,5 тони заштитна опрема за Кина, со што Унијата ги покри трошоците за транспорт.