Фото: Игор Бансколиев

Во продавниците се плаќа повеќе – се добива помалку

Кај трговците основно правило е да се продаде производот, а сѐ друго е во втор план, дури и притоа купувачите да бидат ставени во заблуда. Сѐ почеста е практиката да се намалува грамажата или количеството при едно пакување, а цената да биде иста или дури и повисока

Намалување на грамажата на производите, пакување во истата стара амбалажа и продажба по иста цена или минимално зголемена е тренд што поинтензивно го практикуваат производителите во Македонија. Во маркетите речиси и да нема производ што е спакуван во ќесе наполнето со воздух или кутија што е полупразна. Чоколадото од 100 грама сега има 80 грама, некои масла за јадење се 100 грама полесни, тестенините веќе немаат 500 грама туку 400 грама, брашното и шеќерот некогаш беа еден килограм, а сега се 900 грама, супите од ќесичка порано беа за четири чинии сега се предвидени за три чинии, цигарите со години не се по 20 туку по 19 во кутија.

Но тоа на прв поглед не може да се забележи бидејќи пакувањата останаа со иста големина, а цената не се намали, што значи дека граѓаните плаќаат исто или повеќе, а добиваат помалку. На овој начин купувачот, кој најчесто е навикнат на производот што постојано го пазари, не обраќа внимание на декларацијата туку визуелно го препознава производот и го става во кошница. Потрошувачите се револтирани од обидите на производителите, но и на трговците, велат дека се чувствуваат измамени, бидејќи не можат секогаш да ја забележат разликата во тежината на производот, а производителите го користат тоа максимално.

Според Љупче Станковски, претседател на здружението за земјоделци „Агрофаланга“, во поранешниот социјалистички систем постоела стандардизација на пакувањата, како по тежина така и во литража, велејќи дека со промена на системот во капитализам, ги презедовме и новите начини на пакување, кои често не се фер и не се чесни спрема купувачите
– Потрошувачите се најоштетени во сета оваа состојба, бидејќи треба да изберат кој производ е попристапен за нив според цената. Имате параметар тежина, која е различна за разни фирми и пакувања, и која со текот на времето се намали, а пакувањето остана исто, потоа цена што е исто така варијабилна, и на крај квалитет, кој е дискутабилен и ниеден потрошувач не би можел да го оцени според своето субјективно чувство за вкус или изглед. А тука е трикот и со попустите, гратисите, „две во едно“ и ХXL-пакувања, што повеќе имаат цел да го збунат потрошувачот отколку да го информираат – појаснува Станковски.

Фото: Игор Бансколиев

Тој додава дека кај трговците основно правило е да се продаде производот и дека сѐ друго е во втор план. Нив не ги интересира дали потрошувачите се измамени или се работи само за современи правила за опстанок во трговијата и производството, тоа е знак прашање.
– Сепак, сметам дека во моментов во право е оној што има повеќе пари. Тие значат моќ, реклама, прикривање скандали, притисоци врз личности и институции и менување на фактичката состојба. На борбената линија на потрошувачите, нема некој што би ги заштитил. Доколку потрошувачот поради сомнеж сака да го испита квалитетот на одреден производ што го користи, нема независно тело или организација, освен во регулаторниот дел, кое би го извршило тоа и вистински би уверило дека содржината и квалитетот одговараат со декларацијата – потенцира Станковски.

Како што истакнува претседателката на Организација на потрошувачи на Македонија (ОПМ), Маријана Лончар-Велкова, во согласност со законските прописи, на амбалажата секогаш треба да стои тежината на производот што се наоѓа внатре, за купувачот сам да одлучи дали ќе го земе по понудената цена.
– Визуелно, амбалажата изгледа исто, а во суштина грамажата е помала и тука е заблудата, мислиме дека го купуваме истиот производ. Но за непроменета, некогаш и зголемена цена купуваме помало количество. Сепак потрошувачите мора да ги гледаат декларациите, бидејќи оваа практика е многу раширена кај производителите – вели Лончар-Велкова.

Како што посочува таа, сѐ додека тоа е обележано на декларацијата, не е незаконски, но проблемот е што сето тоа што е испишано на декларацијата е со многу ситни букви.
– Маркетиншките трикови што ги прават производителите со акциите како на пример „три во едно“, „гратис во пакувањето“, не се добра практика, бидејќи граѓаните нема ни да го измерат тој производ и, всушност, не ни можат да знаат дали е гратис бидејќи секако е во иста кутија – нагласува Лончар-Велкова.

Таа додава дека постојано се дискутира дека се пакува и продава воздух, но проблемот не се решава. Не се виновни само домашните производители и трговци. Таква стока на рафтовите има и од увоз, а проблемот и таму не е решен.