Зимите без снег, недостигот од дожд во текот на пролетта и есента и високите летни температури последниве десетина години значително ги намалија водотеците, поради што нивото на Преспанско Езеро драстично опадна
Преспанско Езеро е првата жртва на климатските промени во Македонија и, доколку продолжи долгогодишната суша, нивото на езерото уште повеќе ќе опадне, а под закана се и другите водни ресурси.
Зимите без снег, недостигот од дожд во текот на пролетта и есента, високите летни температури последниве десетина години значително ги намалија водотеците, поради што нивото на Преспанско Езеро драстично опадна.
Познавачите на состојбите велат дека состојбата со повлекување и враќање на водите на Преспанско Езеро е циклична појава и дека единствена надеж се врнежите.
– Преспанско Езеро го има проблемот со понирањето на водите под Галичица, кои потоа се појавуваат во извор кај Свети Наум и во друг извор во соседна Албанија. Самото езеро највисокото ниво го имало во 60-тите години на минатиот век, а оттогаш, со исклучок на 1975 година, постојано опаѓа. Последниве неколку години, поради неповолните климатски промени, нивото е драстично намалено – вели Никола Здравковски, стручен соработник во Канцеларијата на УНДП, од каде што работеа на повеќе проекти во Преспа.
Според него, немањето доволно снег на околните планини и малкуте врнежи изминатите години влијаеле врз забрзано влошување на состојбата.
– Еден од главните фактори што придонесоа за намалување на езерското ниво е хидролошкиот фактор. Немањето доволно снег на Пелистер и Баба Планина придонесе малку вода да се влева во езерото. Обилните снежни врнежи придонесуваа тој подоцна полека да се топи и да одржува стабилен воден прилив во езерото. Последните десетина години тоа не е случај. Присутен е, секако, и човечкиот фактор со процесите на наводнување, но тоа беше редуцирано преку разни проекти – нагласува Здравевски.
Тој не ја исклучува веројатноста и сеизмолошките активности на некој начин да придонеле за зголемено истекување на езерото.
– Можеби земјотресите предизвикале отворање поголеми понори под карстот на Галичица, така што и количеството на води што се прелева во Охридско Езеро да е поголемо. Но тоа тешко може да се потврди. Како и да е, со некаков градежен зафат тешко може да се санира состојбата, бидејќи едноставно е неизводливо. Останува да почекаме земјата да влезе во еден период на врнежи, што би придонело за подобрување на состојбите – подвлекува Здравевски.
Слично размислува и Науме Ставревски, концесионер со рибниот фонд во Преспанско Езеро.
– Езерото е многу повлечено, но тоа е најмногу затоа што нема врнежи од снег на Пелистер и Баба. Во минатото на околните планини имало и по пет-шест метри снег, па подоцна, со топењето, езерото се полнело. Преспанско Езеро е карактеристично по неговите циклични повлекувања и враќања на водата, така што и состојбата веројатно ќе се подобри ако заврши овој период на долготрајна суша – вели Науме Ставревски, концесионер со рибниот фонд во Преспанско Езеро.
Тој изрази револт од незаинтересираноста на надлежните служби да сторат нешто и да спречат езерото да доживее еколошка катастрофа.
Апели за сериозноста на климатските промени пристигнуваат од сите страни, но се чини дека нивниот ефект станува видлив токму преку намалувањето на нивоата на езерата и реките. Уште позагрижувачки е што прогнозите на светските метеоролози се дека поради климатските промени токму Балканот ќе биде погоден од подолготрајни суши, што, од друга страна, не влева надеж дека состојбите со водите скоро ќе се променат. Тоа несомнено ќе влијае врз намалувањето на водните ресурси, што е клучно за опстојување. Преспанско Езеро прво го вклучи алармот.