Анализирани се вкупно 35 земји, од Централна и од Источна Европа, како и од Балканот при што најголемо влошување во однос на медиумската писменост се забележува во Чешка, Словачка и во Полска

Земјите од Балканот, меѓу кои и Македонија, имаат релативно ниско ниво на медиумска писменост и слобода на медиумите, подемот на сензационализмот и лажните вести се во пораст, а јавните гласила се соочуваат и со недостиг од интерес на публиката за вистинско разбирање на медиумите. Ова, меѓу другото, е наведено во последниот годишен индекс за 2019 година за медиумска писменост на Институтот отворено општество во Софија (ОСИ), кој користи податоци за оваа проблематика од „Фридом хаус“, Институтот за образование (ПИСА) и Евростат. Од вкупно 35 анализирани земји, повеќето од земјите од Западен Балкан се на дното од листата. Иако Македонија бележи напредок во однос на претходната година во неколку параметри, сепак земјава е на самото дно на листата, каде што пред нас се наоѓаат Турција, Албанија, БиХ, Црна Гора и Србија.

Овие земји, според истражувањето, имаат најнизок потенцијален отпор да се справат со дезинформациите и нивните ефекти, бидејќи, како што наведува документот, заостануваат во индексот на критичкиот пристап до медиумските содржини, како и во користењето на медиумските потенцијали за информативни и образовни цели.
– Трендовите за медиумската писменост помеѓу 2017 година и 2019 година, кога ќе се споредат резултатите, покажуваат дека земјите од Централна и од Источна Европа назадуваат најмногу. Најголемо влошување на ова поле се забележува во Чешка, Словачка и во Полска, каде што овие земји бележат пад на медиумска писменост, а факторите што го предвидуваат тоа како што се образовното ниво, статусот на медиумите, довербата во општеството и употребата на електронски алатки за вклученоста во донесувањето одлуки, се постојано критикувани во тамошната јавност – вели Марин Лесенски, директор на програмата за европски политики на ОСИ и автор на истражувањето. Според него, медиумската слобода е важен фактот во справувањето со феноменот на лажните вести, но честопати се занемарува.

Коментирајќи го последниот извештај за медиумска писменост на ОСИ, Жанета Трајковска, од Институтот за комуникациски студии, во изјава за „Нова Македонија“ објаснува дека лажните вести најчесто се поврзуваат со пропагандата на интернет. Според неа, не треба во целост да се земаат за релевантни податоците од институтот, бидејќи, според неа, анализата е направена врз база на повеќе компаративни истражувања на институти и таа не соодветствува во целост со состојбите на терен кај нас. Сепак, експертката за медиуми забележува дека ниската медиумска писменост во земјава се должи најмногу на ниската политичка свест и лажните вести во етерот.
– Неоспорен е фактот дека Македонија има ниска медиумска писменост, но и ниска политичка култура, но не мислам дека тоа нѐ прави да бидеме последни на истражувањето на листата на Институтот отворено општество од Софија.

Истражувањето е направено на база на компаратива на повеќе анализи од повеќе институти, кои се занимаваат со оваа проблематика и вадењето просечна оцена, според мене, не може да биде реална во целост, бидејќи земените податоци не се направени лично и теренски. Сепак, и покрај ова сакам да истакнам дека Македонија, на жалост, поради слабата економија, корупцијата, но и слабиот критички пристап до медиумските содржини најчесто се рангира како земја со ниска медиумска писменост – објаснува Трајковска.

Таа заклучува дека сето тоа може да се подобри преку зајакнување на медиумската писменост, односно преку зголемување на способноста на граѓаните за пристап, разбирање, анализа, критичка оцена на различни медиуми и медиумски содржини, како и за создавање комуникациски содржини во различни контексти. Токму образованието и медиумската писменост учат како да се развијат вештините за критичко размислување, да се препознаат медиумите кога лажат, заведуваат, манипулираат со информации, спинуваат, кријат информации.

Трајковска подвлекува дека и чекорите на Владата со планот за борба против лажните вести ќе ја подобри медиумската писменост во земјава, но најпрво, според неа, треба да се почекаат резултатите.
Инаку, според индексот од 2019 година, скандинавските земји традиционално најдобро се справуваат со лажните вести, генерално, поради високото образовно ниво и медиумската слобода. Извештајот ја наведува Финска како држава со еднакво високи оцени за високо образование и медиумска слобода и наедно таа отскокнува во регионот на Централна и на Западна Европа.


Акциски план за борба со лажните вести

Кон крајот на јули минатата година, Владата го објави предлог-планот за борба против дезинформации и напади на демократијата. Во акцискиот план се предвидени и повеќе безбедносни и проактивни мерки, со кои државата во иднина ќе се справува со лажните вести и ќе ја подига медиумската писменост во земјава. Како едни од мерките беше и отворањето на регистарот на професионални онлајн-медиуми. Според акцискиот план, властите понатаму се заложија и дека ќе спроведуваат и внатрешна кампања за вработените во институциите за препознавање лажни информации, понатаму нова стратегија за транспарентност, формирање акциска група за борба против дезинформации и национална стратегија за медиумска писменост.


„Нова Македонија“ пионер во спроведувањето на медиумската писменост

Весникот „Нова Македонија“ е дел од коалицијата за медиумска писменост во земјава, проект што го иницира Високата школа за новинарство и за односи со јавноста и го спроведе заедно со Институтот за различности во медиумите од Лондон, како еден од 10-те најдобри проекти за медиумска писменост во Европа за 2019 година. Покрај тоа што на страниците на весникот објавувавме текстови во прилогот „Медиум“, наши новинари учествуваа на повеќе отворени денови во средните училишта низ Македонија, како и на летниот камп што се одржа во Штип на универзитетот „Гоце Делчев“, на кои се поттикнуваа студентите и средношколците да ги развијат вештините за критичко размислување, да ги препознаат медиумите кога лажат, заведуваат и манипулираат со информациите.