Вакцините на Фајзер и на Синовак се најупотребувани во Македонија
Првото опширно истражување за ефикасноста на вакцините спроведено во Македонија покажува дека најголем дел од граѓаните кои примиле барем една доза на вакцина избегнале хоспитализација од ковид-19 и успеале да се изборат со вирусот.
Кај 0,025 отсто од вакцинираните исходот од болеста бил со смрт, а 0,15 отсто од целосно вакцинираните завршиле со хоспитализација во болница.
Првото опширно истражување за ефикасноста на вакцините спроведено во земјава го предводел д-р Харис Бабачиќ, магистер по епидемиологија и докторанд-истражувач на Институтот Каролинска во Стокхолм, Шведска, во соработка со Жаклина Чагороска од Управата за електронско здравство при Министерството за здравство.
– Во периодот 15 јануари до 30 септември годинава, од вкупно 3.947 регистрирани смртни случаи поврзани со ковид-19, 179 смртни случаи беа регистрирани меѓу 712.587 индивидуи кои биле целосно вакцинирани (0,0251 отсто). Исто така, 3.642 смртни случаи беа регистрирани кај 1.106.574 индивидуи кои биле невакцинирани (0,329 отсто). Со тоа, грубата процена на ефективноста на две дози вакцина од кој било кој производител во спречување смрт од ковид-19 изнесувал 92,3 отсто – се вели во анализата од истражувањето.
Вакцините на Фајзер и Синовак најупотребувани во Македонија
Во оваа анализа, биле следени сите корисници на електронскиот здравствен систем „Мој Термин” од 15 јануари годинава, денот на првата регистрирана вакцинација до крајот на септември годинава. Биле вклучени вкупно 1.886.124 граѓани на возраст од 11 години и постари. Од нив 779.558 испитаници примиле барем една доза вакцина и 1.106.566 биле невакцинирани.
Од популацијата на која им е понудена вакцина (11 години и постари), во дадениот период 41,33 отсто биле вакцинирани барем со една доза, од кои повеќето (37,78 отсто) биле целосно вакцинирани со две дози.
Најголем дел од испитаниците ја примиле вакцината на производителот Фајзер и вакцината на производителот Синовак.
Во истражувањето се вели дека ефективност на примени две дози од која било вакцина во спречување хоспитализација изнесувало 90,604 отсто.
– Примени две дози од вакцината Фајзер покажале највисока ефективност во спречување хоспитализација, следена се вакцините на Астра Зенека и на Синовак, сите со ефективност над 92 отсто. Вакцините на Синофарм и на Спутник В покажале послаба ефективност во спречување хоспитализација од претходните три вакцини, но сепак имаат висока ефективност (над 80 отсто) – се вели во истражувањето.
Во анализа на 65.837 лица кои примиле само една доза вакцина од кој било производител се покажало значително пониска ефективност во спречување хоспитализација од ковид-19.
Мажите и возрасните на 65 години со поголем ризик од смрт
Постарата возраст и машкиот пол значително влијаеле и врз ризикот од смрт од ковид-19, покажале резултатите на анализата.
– Оние на возраст од 65 години и нагоре имаа речиси двојно поголем ризик од смрт од ковид-19, а мажите имаа околу 28 отсто поголем ризик од жените да починат. Ефективноста на примени две дози вакцина од било кој производител во спречување смрт од ковид-19 изнесувал 94.064 отсто – стои во истражувањето.