Второто полугодие во училиштата ќе започне со физичко присуство, бидејќи, како што денеска изјави министерот за здравство Беким Сали, епидемиолошката состојба го дозволува тоа, а Министерството за здравство ќе прави скрининг меѓу учениците по случаен избор.
Доколку се појави ширење на вирусот во одреден регион, општина или град, министерот најавува дека ќе бидат преземени мерки.
-Според нашите податоци нема потреба од онлајн учење во овој момент затоа што епидемиолошката состојба се менува секоја недела, а врз основа на тие податоци ние ги носиме одлуките. Тоа значи дека од 1. февруари ќе се почне со физичко присуство во училиштата и како Министерството ќе преземеме превентивни мерки со случаен скрининг и зависно од регионот, градот или општината ако се појави епидемија, ќе се преземат мерки – рече Сали по посетата на вакциналниот пункт на Економскиот факултет во Скопје каде ја прими третата доза на вакцина.