Филипче го најави почетокот на процесот за имунизација
Министерот за здравство, Венко Филипче, соопшти дека в среда ќе почне вакцинирањето со „Астра зенека“ на 20.000 пријавени граѓани кои се над 75-годишна возраст. Тие ќе бидат исконтактирани преку матичните лекари и ќе се утврди на кој пункт ќе бидат вакцинирани.
За масовната вакцинација се подготвува арената „Борис Трајковски“ во Скопје. Ќе има 30 позиции за вакцинирање, а ќе бидат ангажирани лекари и медицински сестри од Здравствениот дом-Скопје.
Во меѓувреме, според најавите, се очекува пристигнувањето на дополнителните вакцини од Кина и компанијата „Фајзер“, а оваа недела треба да се потпишат и договорите со земја-членка на ЕУ.
– Во април очекуваме вакцини од повеќе места за после оваа прва група граѓани над 75 години да бидат повикани на вакцинација и други граѓани – рече Филипче.
Министерот уверува дека ќе се обезбедат доволно количини од „Астра Зенека“ за ревакцинација по три месеци од примањето на првата доза.
Тој рече дека земјата ќе снабди дози за ревакцинација и на македонските граѓани што се вакцинирале во Србија.
– За „Астра Зенека“ ја преземаме препораката дека ревакцинацијата треба да биде за три месеци, а веќе имаме најава дека останатите количини до 100.000 треба да стигнат во април. Чекаме и податоци за наши државјани што се вакцинирале, за да се испланира ревакцинацијата да ја примат тука – рече Филипче.
Министерот засега нема да се вакцинира со оваа вакцина, туку ќе почека да стигнат поголеми количини.