Здравствените власти веќе најавија дека кон крајот на месецот би можело полека да почне да се олабавуваат некои мерки, попрецизно оние што се однесуваат на економијата. Сепак, во јавноста се поделени мислењата за тоа како државата се справува во борбата со вирусот на два фронта, на здравствениот и на економско-финансискиот фронт
Моделот за справување со кризата под лупа на општеството
Пандемијата на коронавирусот целосно го парализира светот, луѓето се затворени во своите домови, болниците преполни со пациенти, повеќето фабрики престанаа со работа, така што главната дилема што се поставува е вистинскиот модел за справување со овој предизвик, негово развојно модифицирање, усовршување, менаџирање, а сето тоа во функција на ефикасно здравство и наедно рестартирање на економијата заради граѓаните.
Кинескиот модел, но да се земат предвид и одредени специфики
Повеќето држави во светот, меѓу кои и Македонија, го одбраа кинескиот модел за справување со пандемијата, односно максимално редуцирање на движењето на луѓето за да се издолжи кривата на заразени со коронавирус, за да може здравствениот систем да одговори на ситуацијата.
Од друга страна, ваквите мерки предизвикаа сериозен застој во економијата, така што штетите што се пресметуваат за овој краток период се огромни, а процените на Светската банка се дека Македонија ќе мора многу да се задолжи за да ги покрие загубите предизвикани од воведувањето на карантинот.
Здравствените власти веќе најавија дека кон крајот на месецот би можело полека да почне да се олабавуваат некои мерки, попрецизно оние што се однесуваат во делот на економијата.
Сепак, во јавноста се поделени мислењата за тоа како државата се справува во борбата со вирусот на два фронта, на здравствениот и на економско-финансискиот фронт.
– На почетокот имавме релативно мали ограничувања, а тоа беше општо прифатено од популацијата, и лично сметам дека тие мерки беа во ред. Меѓутоа брзо настана менување на тие мерки. Со самото тоа, ние покажуваме дека не сме знаеле точно зошто сме ги донеле и првичните мерки. Понатаму следуваше најнесреќното решение за скратување на периодот на движење, особено на таа постара популација, при што има и реакции, а самото тоа е показател дека не се соодветни овие мерки – вели инфектологот Вело Марковски.
Според него, ако сакаме да ја развлечеме кривата на новозаразени за да не се оптовари здравствениот систем, не треба да правиме карантински мерки.
– Оваа болест не е карантинска. Карантински мерки се прават кога сакаме да спречиме инфекција, да нема инфекција. Ако концепцијата на колегите од Комисијата за заштита од заразни болести е да нема инфекција, тогаш тоа е друга стратегија. Ако се остави науката да ја води работата, ќе има грешки, меѓутоа тие грешки ќе бидат мали. Ако се замешаат политичари што сакаат да доминираат поради некои причини, ние може да имаме големи грешки. Се плашам дека сега науката е истисната – нагласува Марковски.
Премиерот Оливер Спасовски вели дека одлуките се носат врз основа на препораките на Комисијата за заразни болести и епидемиолозите.
– Сите мерки што беа донесени се мерки врз основа на тие препораки, заради тоа што сметаме дека како Влада мора пред сè да ја слушнеме струката, тоа што го кажуваат лекарите, тоа што е најефикасно и во кој момент треба да го правиме тоа, да го направиме заеднички – изјави Спасовски.
Во очекување сериозни интервенции од страна на државата
Од друга страна, дел од бизнис-заедницата се придржува до препорачаните мерки, но смета дека доколку ситуацијата продолжи вака, економските последици ќе бидат огромни.
– Потребни се сериозни интервенции на државата, потребно е и сериозно одрекување на стопанството, но и на граѓаните, за да можеме да се справиме со оваа криза, која дојде неочекувано и веројатно ќе потрае. Тоа значи дека секој од свој аспект треба да е свесен дека ќе претрпи штета, дека државата ќе мора да го покрие тоа по првиот момент, а потоа да најде начин како ќе ги поврати тие средства. Обично тоа е со воведување некаков данок што повторно ќе треба да го плаќаат компаниите и поединците, но во некој подолг период – вели претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.
Тој додава дека некој со некоја мерка ќе добие, некој ќе загуби, но најважно од сè е да се зачуваат човечките животи и да се задржи економијата во некоја кондиција со која ќе може да го дочека крајот на кризата.
– Во овој момент треба да се искористат сите внатрешни резерви пред да почнеме да земаме пари однадвор. А тие внатрешни резерви се да ги оневозможиме сите кражби, да ги оневозможиме сите нерегуларности што постојат во државата, да направиме целосна рационализација во државниот апарат, она што треба да го направи државата истото тоа треба да го направи и приватниот сектор, и потоа да посегнеме по пари однадвор. Тие пари што ќе ги земеме некој треба да ги враќа. Ние враќаме сега од нашите родители и од нашите дедовци, зарем ќе дозволиме внуците да ги враќаат тие пари – вели Азески.
И поранешни премиери со свои предлози
За поранешниот премиер Љупчо Георгиевски државата треба да преземе визионерски чекори за полесно да се справи со кризата предизвикана од коронавирусот.
– Сега е време за визионерски чекори. Нафтата никогаш не била поевтина на берзите и ако брзо купиме нафта за 100-200 милиони евра, ќе обезбедиме евтини енергенти. Тоа ќе биде предност во идниот период кога ќе се соочуваме со економските последици – смета Георгиевски.
Според него, Народната банка треба да ги зголеми резервите на злато.
– Мора да се зголемат резервите во злато во Народната банка. Единствено на златото му расте цената и овие резерви, ако се направат, ќе бидат клучни за Македонија… Јас сега гледам само гасење одредени пожари во економијата, а не визионерски чекори. Ја повикувам Владата да ја сфати многу сериозно целата оваа ситуација – апелира Георгиевски.