Министерот за здравство, Венко Филипче, утрово одржа состанок со директорите на ковид-центрите од клиниките во комплексот „Мајка Тереза“ на кој беше разгледана состојбата со бројот на хоспитализирани и слободни места по инфективните одделенија.
По направените анализи, заклучено е дека има благ пад на бројот на хоспитализирани на дневно ниво.
– Очекуваме во наредниот период да има повеќе испишани отколку примени пациенти. На инфективните оддели има сè повеќе слободни места. Секако ја следиме состојбата од ден на ден и подготвени сме за секое сценарио. Доколку овие прогнози не се остварат имаме на располагање и нови оддели и дополнителни болнички капацитети кои се спремни да се отворат – рече Филипче.
На сите инфективни оддели има слободни места со довод на гасови, а во наредните неколку дена ќе завршат градежните работи кои ќе овозможат да се отворат нови соби со довод на кислород.
– Мерките кои Комисијата за заразни болести ги донесе даваат резултат и бројката на хоспитализации се стабилизира. Се надеваме дека овој тренд ќе продолжи – изјави Филипче.