Имаме начин да увеземе од која било вацкина против ковид-19 и не постои никаква законска пречка за тоа, рече министерот за здравство Венко Филипче во синоќешното гостување во вестите на телевизија Канал 5. Вакцините се нов продукт, истите ниту една земја ги нема регистрирано, но сите производители имаат документи со кои го гарантираат квалитетот на лекот, истакна Филипче, посочувајќи дека првите вакцини во земјава ќе влезат со интервентен увоз и тоа не е никаква новина, туку е пракса години наназад.
– Регистрацијата е процес кој зависи од земјата која тој препарат го увезува. Тој процес не е задолжителен и не е гаранција за квалитетот на производот, тоа е разгледување на документите кога се внесува еден препарат, лек, вакцина во земјата. Во таа смисла имаме начин да се увезат вакцините од било кој производител, тоа е со интервентен увоз и тоа така историски наназад се правело, не само со вакцини туку и со многу други лекови. Сите прозиводители кои нудат вакцини на пазарот, имаат документи кои го гарантираат квалитетот на вакцината. Во ниту една земја вакцините не се регистрирани затоа што се нови продукти и тоа е неверојатно да се случи во краток временски период. Тоа секако ќе се случи, но првите вакцини ќе влезат со интервентен увоз, истите се проверени од своите национални институции и таму каде се произведени. Веќе во српската агенција зе лекови се објавени документи, дека таков како што е капацитетот на нивната лабараторија, е тестирана кинеската вакцина не станува збор за целосно тестирање, туку на одредени параметри и тие кои може таму да се тестираат се солидни. Таа вакцина е сосема безбедна да се користи – рече министерот.
Филипче посочи дека Министерството за здравство останува посветено на сите три механизми за набавка на вакцините, но соочени со состојбата дека потребата за вакцини е голема секаде во светот, се евалуирал и планот за набавка на кинеска вакцина. Министерот најави дека целта е вакцинацијата во земјава да се одвива со еден континуитет и да нема прекин како што е случај со некои други земји, бидејќи станува збор за голем притисок за набавка и производство на вакцини против ковид-19 насекаде во светот.
– Кинеските вакцини ги евалуиравме и во претходниот период, сакаме да обезбедиме вакциналниот процес да започне и да нема паузи. Сите вакцини кои се на располагање се сосем безбедни тие се евалуирани од своите национални агенции, дел од нив и од европските, американските регулатори. Целта е да имаме вакцини од повеќе производители за да не се соочиме со недостаток односно откако ќе почнеме, процесот на вакцинација запре – истакна Филипче.
Првите вакцини кои треба да стигнат во земјава во месец февруари според најавите на „Фајзер“ ќе бидат вакцините од Србија, а потоа ќе стигне пратката директно од прозиводителот „Фајзер“. Веќе во петок на состанокот кој Филипче ќе го има со претсавниците од „Ковакс“ механизмот ќе се знае колку вакцини преку овој систем ќе бидат исопрачани во земјава рече министерот.