Министерот за здравство, Венко Филипче, и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денес присуствуваа на видео-конференција со амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Северна Македонија, предводена од амбасадорот на делегацијата на ЕУ во земјата, Самуел Жбогар.
– На видео-конференцијата беа разменети информации и мислења за состојбата со вирусот ковид-19 во земјата, како и за можностите за поефикасно сузбивање на кризата преку помошта од ЕУ, но и билатералната соработка со нејзините земји членки – соопшти Министерството за здравство.
Од македонска страна беше презентирана состојбата со епидемијата кај нас, како и предизвиците со кои сѐ уште се соочува нашиот здравствен систем. Министерот Филипче истакнал дека земјата засега успешно го менаџира текот на епидемијата.
– Со линераен раст на ново-потврдени позитивни пациенти на ковид-19, успеваме да го амортизираме здравствениот систем и да ги оптимизираме болничките капацитети и медицинскиот пероснал. Пикот на епидемијата го очекуваме кон крајот на април, почетокот на мај, мерките и препораките даваат резултат. Во услови кога целиот свет се соочува со кризата, поддршката која ја добиваме од ЕУ и членките е од исклучителна важност и доказ дека заедничкото делување и заемното помагање водат кон побрзо справување со оваа состојба – рекол Филипче.
Димитров ја поздравил одлуката на Европската комисија да ја прифати иницијативата на министрите за надворешни работи од земјите од регионот за укинување на извозните рестрикции за Западниот Балкан за набавка на медицинска заштитна опрема од ЕУ.
– Солидарноста на ЕУ како дел од нејзиниот координиран глобален одговор на кризата е од витално значење за нас и нашиот регион. Нашиот главен фокус е да ги заштитиме македонските граѓани, како во однос на нивното здравје, така и во поглед на социо-економските последици од пандемијата. Поддршката од „Тимот Европа“ има клучна улога при реализирањето на нашите цели. Благодарни сме што сме дел од тој тим, заеднички работејќи и при успешниот процес на репатријација на македонските, но и на граѓаните од ЕУ – истакна Димитров.
Амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Северна Македонија ја истакнаа посветеноста на македонските власти при справувањето со коронавирусот, поздравувајќи ја навремената координација и имплементација на мерките. Тие се заблагодарија за транспарентноста и кооперативноста на Владата при информирањето, репатријацијата, безбедноста на сите граѓани во земјата, вклучувајќи ги и странските државјани.