Министерот за здравство, Венко Филипче, од денеска ќе биде во домашна изолација, поради контакт со градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, кој е позитивен на коронавирус. Министерот вели дека биле подготвени и за ова сценарио и дека работата на Министерството за здравство продолжува да се одвива непречено, а тој и од изолација ќе остане во редовна комуникација со комисијата за заразни болести и сите останати инволвирани.
– По информацијата дека градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски кој вчера одржа состанок на кризниот штаб на Куманово на кој присуствував и јас, е позитивен на ковид-19, од денеска ќе бидам во домашна изолација. На состанокот ги почитував сите протоколи за заштита и носев заштитна опрема исто како и останатите присутни. Ги очекувам епидемиолозите од Институтот за јавно здравје кои освен со мене, ќе направат епидемиолошки анкети и со сите други функционери во Владата кои вчера беа присутни на состанокот. До добивање на епидемиолошка проценка на ризикот и насоки за понатамошно постапување останувам во изолација – рече Филипче.
Тој вели дека властите го имале предвид и ова сценарио.
– Ние го имавме предвид и се подготвуваме и за ова сценарио. Работата на Министерството за здравство продолжува да се одвива непречено, а јас и од изолација останувам во редовна комуникација со комисијата за заразни болести и сите останати инволвирани во овој процес и продолжувам да ги координирам сите процеси во справување со кризата. Како и досега, Министерството за здравство редовно и навремено ќе информира за состојбата со коронавирусот во земјата, а прес-конференциите ќе ги правиме преку достапните онлајн платформи за оваа намена. Во текот на денот ќе се воспостави техничка можност за ова за да нема застој во однос на информирањето – рече Филипче.