Фото: Маја Јаневска-Илиева

НОВИТЕ МЕРКИ НИЗ ПРИЗМАТА НА ЕКОНОМИСТИТЕ И НА ДОКТОРИТЕ

Владата ги намали рестриктивните мерки за ограничување на движењето во битката со пандемијата предизвикана од ковид-19. Од вчера во сила се таканаречени „меки мерки“ за претпазливост, односно полицискиот час се скратува, што има за цел раздвижување на економијата, но и послободно движење и функционирање на граѓаните, што ќе го намали психолошкиот притисок што го чувствуваа досега. Во домашната јавност токму во овие моменти се активни неколку дилеми, едната поврзана со тоа како ќе се одразат меките мерки врз нашата економија, другата како сето тоа ќе влијае врз здравјето на нашите граѓани и, се разбира, дали заедно во пакет сето тоа има потенцијал да прерасне во вин-вин ситуација, во која сите добиваат.

Во сублимиран заклучок, економистите и докторите со кои се консултиравме велат дека новите мерки и олеснувањето на ограничувањата позитивно ќе се одразат врз нашата економија, но ризикот од ширење на вирусот и натаму ќе остане висок, сѐ додека не се пронајде лек за негово искоренување.
Универзитетскиот професор Ванчо Узунов оценува дека колку побрзо животот се врати во нормала толку подобро ќе се одрази сето тоа на нашата економија.
– Ова е многу логична констатација и сметам дека секое олеснување на рестриктивните мерки може само позитивно да се одрази врз нашата целокупна економска слика. Имено, ние во оваа, условно кажано лоша состојба, не дојдовме поради некои грешки на домашната економија, поради некои економски кризи или, пак, лошо водење на државните економски политики, туку поради воведувањето на рестриктивните мерки, кои се насочени да се спасат и да се зачуваат човечките животи.

Па, оттука, верувам дека со постепеното ослободување на рестриктивните мерки постепено ќе се враќа во живот и нашата економија – вели професорот.
Сепак Узунов додава дека сето тоа мора многу внимателно и деликатно да се спроведе, притоа и да се балансира со ослободувањата и со ширењето на заразата, бидејќи иако економијата е важна, на крајот на денот човечкиот живот нема цена.
Професор доктор Никола Пановски ја поздравува оваа либерализација на мерките на државата и вели дека со сигурност таа позитивно ќе се одрази на здравјето на луѓето во психичка смисла на зборот, но заканите од вирусот и натаму остануваат.

Докторот објаснува дека мерките што ги спроведуваше нашата држава до моментот на нивната либерализација, според него, беа престроги, а со продолжувањето на неколкучасовното движење корист ќе имаат и постарите генерации, но и нашите најмлади.Тој, сепак, верува дека за време на викендите, но и за време на верските празници рестриктивните мерки и натаму треба да се активни.
– Јас сметам дека нашето здравство во моментов може да се носи со бројот на заразени граѓани, односно оние што се во најтешка состојба.

Сѐ додека светот не најде лек за оваа болест, ние мора да научиме да живееме со вирусот. Односно уште неколку месеци ние мораме на ваков комбиниран начин со рестриктивни мерки, но и со поголема слобода да живееме и да работиме – оценува Пановски.
Професорот верува дека оваа мерка е вин-вин и за здравјето и за нашата економија и за граѓаните, тој е оптимист и очекува приближно за две седмици отсега државата и целосно да го укине полицискиот час.

[email protected]