Како ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје со најголем број студенти и вработени во високото образование и како здравствен работник, сериозно сум загрижен за односот на надлежните авторитети кон високото образование во врска со имунизација на вработените заради претстојната испитна сесија и високообразовниот процес воопшто, вели во писменото соопштение, ректорот Никола Јанкуловски.
Тој потсетува дека пред извесно време Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје се обратил до надлежните со образложени причини за потребата од имунизација за вработените на Универзитетот.
– До сега немаме добиено никаков одговор, а овие денови се вакцинираа вработените на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Ја поздравувам имунизацијата на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, но истовремено тоа го сфаќам како дискриминација, бидејќи не добивме никаков распоред за имунизација на универзитетите што укажува дека имунизацијата се одвива без да се води сметка и за другите универзитети. Ова од причини што очекував дека штом вработените на еден универзитет се вакцинирале, дека надлежните ќе имаат распоред и за другите универзитети и дека за распоредот ќе бидеме известени, но за жал изгледа такво нешто не постои – пишува во соопштението ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски.