Прилепските дуќанџии организирани во неформално здружение (мали трговци, дуќанџии, самостојни претприемачи) денеска упатија апел до Владата со барање за донесување мерки за спас на старата прилепска чаршија.
Според нив, со сетот мерки што ги донесе досега Владата не се остваруваат реалните потреби за опстанок на дуќанџиите. Затоа тие бараат да се донесат мерки без условувања.
– Да се исплати бруто плата за месеците март, април и мај за секој вработен за кој досега се исплаќани придонеси, без оглед дали е основач, управител или работник, да има мораториум за првото тримесечие од 2020 за аконтации за ДДВ, да се замрзнат кредитет во деловните банки без пресметка на каматни стапки и да се остави време трговските друштва да се прилагодат после кризата, да има неповратни средства по фирма од 3.000 до 5.000 евра за набавка на роба за следната сезона после кризата и мерките да важат до завршување на кризата. Последното барање е газдите на дуќаните да не ослободат од плаќање закупнина во овие кризни месеци – посочи Мариче Најдоска во името на прилепските дуќанџии.
Овие мерки прилепските дуќанџии ги бараат, како што рекоа за спас на прилепската стара чаршија, односно за дуќаните кои 25 години сами без ничија помош опстојуваат на пазарот, и кои самоиницијативно ги затворија објектите заради превенција и заштита од коронавирусот.
Инаку, според последните инфромации од општината досега во Прилеп се заразени 33 лица. Во самоизолација се наоѓаат 179 лица, кои во изминатите 24 часа ја почитувале оваа мерка, како и полицискиот час.
– Другата докторка од Инфективното одделение во прилепската Општа болница, која беше во самоизолација е негативна на тестирањето за коронавирус, што значи дека одделението непречено ќе може фунционира, а доколку има потреба ќе биде засилено со медицински персонал од другите одделенија во болницата – велат во писмената информација од општина Прилеп.
Од причина што бројот на инфицирани со коронавирус во општина Прилеп за два дена се покачи од 22 на 33, градоначалникот Илија Јованоски од Владата и премиерот Оливер Спасовски побара за Прилеп да бидат донесени поригорозни мерки, слични на мерките за Куманово. Ка.М.