Две родилки, една од Скопје и една од Делчево, починаа откако биле породени, па хоспитализирани. Родилката од Делчево била на возраст од 33 години, а родилката од Скопје имала 32 години. Директорката на Гинеколошко-акушерската клиника, Викторија Јовановска, вели дека се чувствуваат поразено како тие така и персоналот од КАРИЛ и Градската општа болница „8 Септември“, каде што родилките се бореле за живот бидејќи не успеале да ги спасат. Двете родилки биле позитивни на коронавирусот.
– Две родилки се починати, но не на нашата клиника. Едната родилка е 33-годишна од Делчево и е породена со царски рез, во термин. Таа роди здраво машко бебе, кое е испишано дома. На денот на хоспитализација, 9 март, дојде со негативен ПЦР-тест, кој го направила во Делчево. На 10 март добивме позитивни резултати со антигенски рапид-тест, направен кај нас. Породена е на 11 март и поради влошување на состојбата, таа е препратена на лекување во ‘8 Септември’ – вели директорката Јовановска.
За починатата родилка од Скопје, Јовановска вели дека е донесена од Инфективната клиника, а за живот се бори и бебето.
– Втората родилка е 32-годишна скопјанка. Породена е пред терминот со царски рез. Жената е донесена од Инфективната клиника за да се заврши бременоста на 20 март во тешка состојба и само неколку часа по породувањето, поради лошата клиничка состојба, е препратена на КАРИЛ. Предвременото родено женско бебе сѐ уште е на интензивна нега и сѐ уште е респираторно зависно, во критична состојба. Малку е стабилизирано, но сѐ уште во критична состојба – додава Јовановска.
Директорката на ГАК вели дека направиле сѐ што можеле, а се чувствуваат поразено заедно со колегите од КАРИЛ и „8 Септември“ бидејќи не успеале да ги спасат животите на двете млади жени.
– Се направи сѐ. Целиот персонал даде сѐ од себе, од КАРИЛ одеа во ‘8 Септември’, помагаа. Имавме голема желба овие жени да се извлечат, многу млади родилки, верувавме дека ќе успееме – додава Јовановска.