Мајките кои се на породилно отсуство сè додека траат времените мерки не мора да се вратат на работа, соопшти Министерството за труд и социјална политика.

– За да се обезбеди заштита и грижа за децата, Владата донесе Уредба со законска сила за примена на Законот за работните односи во која со членот 4 е предвидено надоместокот на плата за отсуство од работа на работничка поради бременост, раѓање и родителство и посвојување, да продолжи да се исплаќа до истекот на траењето на времените мерки за заштита од ширење и превенција од коронавирусот ковид-19 – се наведува во соопштенито.

Остварувањето на правото на надоместокот се врши преку Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија.

– Владата на Република Северна Македонија во континуитет ги следи состојбите и потребите кои се во интерес и заштита на децата за што благовремено ќе продолжи да ја информира јавноста – велат од МТСП.