На Клиниката за детски болести во Скопје покрај заразените лаборант и медицинска сестра, заразена и е докторка од имунолошкото одделение, извести денес министерот за здравство, Венко Филипче.
Тој рече дека сега состојбата на клиниката е стабилна и нема нови позитивни случаи меѓу персоналот.
– Позитивни се лаборант, медицинска сестра и докторка од одделот за имунологија. Според анкетите на епидемиолозите претпоставен контакт е мајка на дете што требало да се прими за терапија на хематоонкологија. По протоколот на Комисијата за заразни болести мајката е тестирана, дома е и таа е асимптоматска – рече министерот Филипче.
Направен е увид на целата Клиника, направено е чистење, а министерот рече и дека се степенувани за ризик сите контакти со заразените.
– Работата е организирана во тимови и целата Клиника, сите одделенија функционираат нормално. Суспектните пациенти, според нашиот договор уште пред неколку месеци, се упатуваат во болницата во Козле, но доколку треба да влезат на Клиниката за нив има посебен дел и соодветен пристап – истакна министерот.
За заразениот лаборант на Детската клиника во Скопје министерот јави минатиот вторник, а во петокот извести и за медицинската сестра по што беше најавено тестирање и на персоналот на пациентите.