Владата во следните 24 часа треба да одлучи какви мерки ќе се воведат во Куманово и дали ќе се примени истиот модел како во Дебар, посочува претседателот Стево Пендаровски, според кого, ситуацијата во Куманово е многу лоша.
– Ситуацијата во Куманово е лоша. Трендовите се негативни, сосема независно од последните вести поврзани со градоначалникот. Таму една од најголемите потешкотии предизвикува фактот што има приличен број, сразмерно со останатите општини, на заразени здравствени работници во главната болница – посочи Пендаровски.
Тој смета дека треба да се применат истите методи како во Дебар, каде беше прогласена кризна состојба и карантин.
– По реферирањето на надлежните министри и дискусијата беше заклучено дека сите ресурси на државата се насочени кон справување со пандемијата со коронавирусот. Ситуацијата во Куманово се усложнува, таму се распоредени дополнителни човечки ресурси. Мојот став за Куманово е дека таму ќе треба да се примени моделот од Дебар и Центар Жупа. Со оглед на бројот на жители, претставува потенцијална опасност за ширење на вирусот – објасни Пендаровски.
Претседателот кажа дека Скопје ќе биде предмет на засилен мониторинг и анализи кога е во прашање коронавирусот, а воедно, дека и ефективно се спроведуваат насоките од СЗО.