Охридската полиција најави засилени контроли на сите паркови, излетнички места, места за рекреација во националните паркови и шуми, во викенд-населбите, како и во верските храмови, и тоа од денеска, во текот на викендот, па сè до вторник.

– Засилените мерки за контрола на парковите, излетничките места и викенд-населбите почнуваат денеска од 16 часот и ќе траат до 21 април, вторник, до 5 часот. Дополнително, мерки за контрола ќе се преземаат и околу верските храмови, што е во согласност со одлуката на Владата за продолжување на забраната и посебниот режим на движење за време на претстојниот христијански празник Велигден, што ќе почнат од 17 април, петок, од 16 часот, па сѐ до 21 април, вторник, до 5 часот – соопшти СВР Охрид.

Од таму упатија апел до граѓаните строго да ги почитуваат одлуките на Владата за забрана за движење, како и совесно и дисциплинирано да се придржуваат до сите други препорачани мерки и насоки во врска со спречувањето на ширењето на коронавирусот.

– Сите оние што ги прекршуваат дадените препораки, ќе бидат санкционирани во согласност со член 205 и 206 од Кривичниот законик – наведуваат од СВР Охрид.