И покрај високите парични казни сепак во Битола и натаму има лица кои се оглушуваат на препораките и мерките за забрана за движење во време на полициски час.

Токму затоа Основното јавно обвинителство Битола поднесе предлози за издавање казнени налози против 17 лица, кои се обвинети за кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“, казниво по член 206 став 1 од Кривичниот законик.

Обвинетите во периодот од 10 до 12 април, за време на пандемија не постапиле според прописите и наредбите со кои се определуваат мерки за нејзино сузбивање или спречување. Тие за време на полицискиот час биле затекнати на различни локации во градот, без да поседуваат дозвола за движење.

Надлежниот јавен обвинител на Основниот суд Битола му предложи на секој од обвинетите да му изрече парична казна во висина од 100 дневни глоби при што вредноста на една дневна глоба да се определи во висина од по 20 евра во денарска противвредност.​

М.М.