Министерството за здравство информира дека резултатите на сите кои денеска се тестираа се негативни на коронавирус.
Претпладнево на коронавирус беше тестирано едно лице кое на 7 март пристигнало во земјава од Германија, како и осум лица поврзани со првата заболена пациентка од Скопје, сопатници од комбето и блиски контакти, кои во изминатите две недели беа во домашна изолација.
Патниците од Струмица кои, исто така, поминаа 14 дена во домашна изолација, а пристигнаа со првата заболена пациентка на коронавирус ќе бидат тестирани утре.
Попладнево на Седница на Владата ќе бидат дискутирани мерките кои ги препорача Министерството за здравство по состанокот со Комисијата за заразни болести и Комисијата за следење и информирање за коронавирусот. За заклучоците, Владата и Министерството за здравство ќе информираат по завршување на Седницата.
Од вкупно деветмина пациенти кои во земјава се заразени со коронавирус, шест се во стабилна состојба, a кај тројца состојбата е отежната, бидејќи станува збор за возрасни лица над 65 години, информира претпладнево министерот за здравство, Венко Филипче.