Вкупниот број на дијагностицирани пациенти од коронавирус се искачи на 70 откако се дијагностицирани тројца нови заболени, информираше министерот за здравство Венко Филипче.
Од тројцата новодијагностицирани, една пациентка патувала во Србија, друга пациентка е бабата на 4-годишното девојче од Штип и има уште пациент од Скопје.
Министерот за здравство информираше дека со цел побрзо детектирање на вирусот, ќе се обединат капацитетите на двете лаборатории, на Институтот за јавно здравје и болницата „Жан Митрев“.
Според последните информации, градови кои се зафатени од коронавирусот се Скопје, Дебар, Гостивар, Штип и Охрид.
Сите пациенти се со лесна или средна клиничка слика, рече Филипче.
Во текот на вчерашниот ден направена е домашна визита кај скоро сите пациенти кои се на домашно лекување, а визитата ќе продолжи денеска. На домашно лекување се пациентите кои имаат лесна клиничка слика според предвидените алгоритми.