Во деновите кога во Битола драстично се зголемува бројот на позитивни лица на ковид-19 и кога бројот на хоспитализираните лица во Инфективното одделение на Клиничката болница постојано се зголемува, засега нема ништо од довршувањето на модуларниот ковид-центар за лекување на лицата заболени од коронавирусот.

Иако кога беше ставен камен темелникот за изградбата на модуларниот центар беше речено дека истиот ќе биде готов за само 14 дена, за жал и по неколку месеци од почнувањето на неговата изградба уште не е завршена.

Сите наши настојувања од директорката на Клиничката болница, Билјана Гагачевска да добиеме одговор на прашањето кога ќе биде готов модуларниот ковид-центар за жал беа безуспешни. Од болницата засега нема никаков одговор.

Инаку, модуларниот ковид-центар во Битола, покрај со средства на Министерството за здравство се гради и со донации на Општината Битола, како и јавните комунални
претпријатија и АД ЕСМ. За изградба на Модуларната ковид болница двете
јавни комунални претпријатија донираа по 1.500.000 денари. Со овие средства тие ги изградија приклучоците за вода и канализација.

Свои средства донираше Општината Битола која со одлука на Советот издвои вкупно 40.000 евра за изградба на модуларната ковид-болница. За изградба на модуларната болница значајни средства издвои и АД ЕСМ, која одлучи средствата наменети за рекламен материјал за Новата година, во износ од 2.400.000 денари да ги насочи за изградба на ковид-центарот.

Инаку, Модуларниот ковид центар во Битола, кој ќе зафаќа површина од 1.000 метри квадратни се реализира од страна на Министерството за здравство и Општина Битола, а се состои од поставување на три модуларни градби, од кои две наменети за интегриран тријажен центар со стационар и една модуларна градба со независен тријажен центар.

Ковид-центарот треба да биде опремен со најсовремени апарати за лекување на позитивни лица од ковид-19, а ќе бидат поставени и апарати за кислородна поддршка.
М.М.