Задолжителниот државен карантин за лица кои доаѓаат од странство се заменува со домашна изолација со приложен негативен ПЦР тест на коронавирус, одлучи Владата на денешната седница.
– Изменета и дополнета и Одлуката за спроведување на задолжителен државен карантин на државјаните на Република Северна Македонија вратени од странство со хуманитарни летови или конвои и со новите промени доколку лицата кои влегуваат на територијата на Република Северна Македонија приложат ПЦР тест за коронавирусот КОВИД-19 направен во последните 72 часа пред да влезат на територијата на Република Северна Македонија, наместо во задолжителен државен карантин, се упатуваат во задолжителна домашна самоизолација – соопштија од Владата.
Наместо задолжителен државен карантин, задолжителна домашна изолација се определува и за странци за кои Главниот координативен кризен штаб одлучува во случаи на постоење на државен или економски интерес, и кои ќе приложат соодветна медицинска потврда со негативен резултат од ПЦР тест, со задолжително придржување до протоколите од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство.