Гевгеличани ги потресе веста дека од компликации настанати од ковид-19, синоќа почина нивниот омилен сограѓанин Васил Ангов, пејач и музичар.

Некаде на средината на оваа пандемија, кога имаше полициски часови, му се бев јавил, преку современите социјални мрежи да го замолам за нашата телевизија да ни открие како го доживува ова време-невреме, кога нема настапи во живо, по кои беше познат во Гевгелија и пошироко, и со што го исполнува слободното време. Скромен, како и секогаш, љубезно ми одговори дека е подобро за сето тоа да зборуваат новите и помлади музичари, како од Гевгелија, така и од Македонија. На нив, напиша, останува светот.

Васил Ангов

А, музичкиот свет во Македонија, остана без уште еден одличен музичар, со препознатлив, милозвучен глас, кој беше еден од најпопуларните пејачи, таму некаде во средината на деведесеттите години од минатиот век. Неговата музичка кариера започна со песната на неговата сограѓанка Оливера Станковска, „Кому да го дадам срцето“, а продолжи со песни напишани од композиторот Григор Копров. Има забележителни настапи на македонските музички фестивали „Макфест“ и „Скопскиот фестивал“, и чест гостин на телевизиските музички емисии На „Макфест 1995“ тој ја отпеа одличната „Премногу ти верував“, која остана негов заштитен знак . Зад себе остави неколку песни „Оди адио“, „Магични зборови“, „Твојот дневник“… Во последните години ги забавуваше и развеселуваше своите сограѓани, на многубројните настапи во живо, низ повеќе гевгелиски локали, заедно со својот син, Димитар.

Адио, пријателе, пеј со ангелите на небото, а љубителите на музиката и во Гевгелија и во Македонија ќе продолжат да ги пеат твоите песни.

Љ.А