Вонредните и ополномоштени амбасадори и генералните конзули за април и мај ќе земат плата помала за 20 отсто, одлучи Владата на онлајн седница, како дел од активностите што ги презема за справување со коронавирусот.
– На вонредните и ополномоштени амбасадори и генералните конзули според Уредбата со законска сила, за месеците април и мај 2020 година ќе им се исплатува плата намалена за 20 проценти од платата исплатена во претходниот месец – соопшти Владата.
Пред две недели Владата донесе одлука сите избрани и именувани функционери да примаат минимална плата од 14.500 ден во април и мај.
– Сите избрани и именувани функционери на државно и на локално ниво ќе земат минимална нето-плата (сметано од декември 2019) од 14.500 денари за месеците април и мај 2020 година. Тоа значи претседателите на државата, на Собранието и на Владата, сите министри, заменик-министри, државни секретари, директори на државни институции, пратеници, градоначалници и сите останати избрани и именувани лица. Одредбите од оваа уредба не се однесуваат на именуваните лица согласно закон во јавните здравствени установи – соопшти тогаш Владата.
Исто така, претседателите и членовите на управни и надзорни одбори на јавни институции од извршната и локалната власт, како и претседатели и членови на советите на општините и претседатели и членови на комисии формирани од извршната и локалната власт кои се истовремено некаде вработени, нема да земаат никаков надоместок додека трае кризата.
Одлуката ќе важи додека Владата не донесе одлука за престанок на истата. Оваа мерка не се однесува за лицата што се невработени и за кои овој им е единствен приход.