Истражувања покажуваат дека по прележување на ковид-19 може се јават и повеќе од 50 симптоми, кои пациентите претходно ги немале. Ако имаме постковид-амбуланти пациентите не би шетале од еден на друг специјалист
Ковид-19 знае да остави компликации
Зголемиот број на новозаразени во земјава, постојано го наметнува прашањето дали болеста која настанала како последицица на ковид-19, завршува со прележувањето на вирусот. Ваквите дилеми меѓу граѓаните се најчести токму во овој бран на омикрон сојот, кога се уште нема доволно научни истражувања и докази за сите пост ковид последици.
Дали вирусот знае да остави трајни последици?
Истражувања покажуваат дека по прележување на ковид-19 може се јават и повеќе од 50 симптоми, кои пациентите претходно ги немале. Така, луѓето се жалат на проблеми со разни алергии, до покажување на шеќерот во крвта, пореметување на мастите, проблеми со видот, проблеми со срцето, косопаст, психолошки проблеми, проблеми со органите за дишење, со централниот нервен систем… Кај некои има влошување на состојбите со болести кои претходно ги имале.
Токму поради тоа сè повеќе лекари алармираат дека здравствените власти треба да размислуваат за отварање на постковид-амбуланти. Апелите траат подолго време. Со вакви амбуланти пациентите не би морале да одат во различни здравствено установи, кај неколку специјалисти за да добијат испитувања или дијагноза за нивните здравствени потешкотии.
Атрактивна идеја, но со дискутабилно функционирање
Д-р Бојан Трајковски, матичен лекар кој работи и во домашна посета вели дека е запознаен со оваа иницијативата на многумина негови колеги и смета дека формирање на постковид-центри би биле од исклучителна важност за пациентите, но се сомнева дека тоа би можело да се изведе кај нас.
-Како доктори кои работиме секојдневно на терен и со пациенти со ковид-19, постојано ги гледаме последиците од прележан коронавирус. Кај луѓето се јавуваат од пулмолошки, гастро, кардиолошки, до невролошки последици. Постковид-амбуланти ќе бидат од витална важност. Така, разни специјалисти ќе можат од едно место да ги прегледуваат пациентите и да им дадат соодветни дијагнози. Идејата е атрактивна, но колкав е нашиот капацитет сетоа тоа да го изведеме? Имаме проблем со редовни термини да ги испратиме пациентите на специјалистички преглед. Затоа е дискутабилно во каков тип на функционирање би биле тие постковид-амбуланти – објаснува д-р Трајковски.
Посебни амбуланти за ковид, но и за после ковид
Епидемиологот, проф. д-р Драган Даниловски ја наметнува темата дека после цели две години, откако веќе се наѕира светло на крајот на пандемискиот тунел, сепак, со појавата на омикрон-сојот особен притисок трпат матичните доктори.
-За да се растоварат, мислам дека би требало да се воспостават посебни ковид-амбуланти (или тријажни центри) во секоја општина низ државата – во рамките на здравствените домови. Таму да се јавуваат сите граѓани со симптоми на респираторни инфекции. На тој начин, сосема би се елиминирале ризиците тие, ако би имале ковид-19, да заразат други пациенти со „не-ковид“ патологија. Истовремено, на матичните би им останало повеќе време да им посветат на тие пациенти – посочува Даниловски.
Од друга страна, според него, полека осамнува свесноста дека, исто полека, навлегуваме во една друга епидемија – на постковид- синдромот, кој се карактеризира со мноштво најразлични симптоми.
-Сега, таквите пациенти се малтретираат од еден до друг специјалист, зависно од присутните постковид симптоми. По углед на некои земји, како што е Германија, на пример, сосема е оправдано и кај нас да се формираат постковид-центри (амбуланти), во кои ќе работат доктори со различни специјалности. Мора да се воведе ред во менаџирањето со оваа категорија болни – заклучува епидемиологот.