Продолжува трендот на намалување на бројот и на процентот на новозаразени од ковид-19. Паѓа и бројот на активни случаи кој изнесува 2.091, од кои половината се во Скопје.
По главниот град најмногу активни има во Прилеп 148, во Битола 135 и во Велес 101, додека во другите градови нивниот број е под сто. Без ниту еден случај се Дојран и Пехчево.
Во изминатото деноноќие, според статистиката на Институтот за јавно здравје, од направени 1.996 тестови, регистрирани се 198 позитивни на ковид-19, или 9,9 отсто.
Евидентирани се и девет починати, а оздравеле 276 лица.
И покрај позитивниот тренд, надлежните засега не планираат укинување или ново олеснување на рестриктивните мерки. Министерот за здравство Беким Сали викендот изјави дека се уште не е време за тргање на мерките бидејќи во земјите каде што тоа е направено имало повторно зголемување на бројот на заразени.
– Ние како Министерство за здравство, Институтот за јавно здравје и Комисијата за заразни болести постојано следиме што се случува со државите кои што ги прекинаа мерките. Таму имате нагло враќање, односно зголемување на бројот на новоинфицирани. Според новата методологија која се практикува во сите држави, а тоа е мерење на ризикот врз здравствениот систем, не за поединците, еден од индикаторите е бројот на новозаразени, но важен индикатор е и бројот на пациенти кои се хоспитализираат. Според таа состојба, ние се уште не сме подготвени за намалување на мерките – истакна Сали.
Од почетокот на пандемијата, бројот на ковид-позитивни во земјава изнесува 301 491, на оздравени е 290 254, а починаа 9 146 лица. Направени се вкупно 1.922.182 тестирања на ковид-19.
Во светот, пак, досега се заразиле близу 456 милиони луѓе, а починале 6 милиони.
Кина, каде што пред две години се појави првиот случај на Ковид-19 и која досега успешно се справуваше со болеста применувајќи строги рестриктивни мерки, вчера го забележа досега најголемиот дневен број на заразени 3 393.
Поради големиот скок во бројот на случаи низ целата земја, властите ги затворија училиштата во Шангај и заклучија неколку градови во североисточниот дел на Кина, додека повеќе од десет провинции се борат да ги спречат локалните жаришта. Властите на градот Џилин, со население од речиси четири милиони, спроведоа задолжително тестирање поради пријавените нешто повеќе од 500 случаи на варијантата омикрон.
Границите на Кина остануваат затворени бидејќи властите спроведуваат пристап на нулта толеранција во борбата против епидемијата.