Скрининг-тестирањето по случаен избор, кое треба да покаже колкав процент граѓани имаат хуморален имунитет кон коронавирусот оваа недела планирано е да се одвива на различни локации во Скопје, изјави денеска асистент доктор Теодора Брњарчевска од Институтот за имунобиологија и хумана генетика на Медицинскиот факултет во Скопје.
– Не ги откриваме локациите со цел да ги фатиме случајните минувачи, да бидат поставени екипи кои ќе зимаат примероци од минувачите кои ќе бидат заинтересирани да дадат свој примерок за определување на антитела, со цел да процениме каква е епидемиолошката состојба во Скопје, односно колку има стекнат имунитет кај граѓаните од вакцинација или од прележување болест. Ова ќе го правиме и низ целата држава, со тоа што ќе биде во соработка со центрите за јавно здравје и со трансфузиолошките служби. Исто така избирањата ќе бидат по случаен избор на испитаниците, и целта е на ниво на Скопје и на ниво на Македонија да се процени колкав процент граѓани имаат хуморален имунитет кон коронавирусот – рече асистент доктор Брњарчевска.
Посочи дека скрининг-тестирање по случаен избор за ковид-19 ќе се врши и во центрите за јавно здравје во поголемите градови.
– Во текот на следнава недела би требало и тие примероци да ги собираме. Со резултатите од другите градови ќе направиме еден пресек после сите овие бранови на коронавирусот и после вакцинацијата какво е нивото на имунитетот на ниво на Македонија, додека пак со оние испитаници од Скопје ќе направиме споредба какво било лани пред вакцинацијата, оваа година, со вакцинацијата и сите бранови на коронавирусот. Пред да ги вклучиме испитаниците им даваме прашалник за тоа дали се вакцинирани, со која вакцина се вакцинирани, дали имаат прележано еднаш, неколку пати, кога било тоа и на тој начин ќе направиме една статистичка обработка на податоците и ќе излеземе со соодветните резултати – потенцира асистент доктор Брњарчевска.
Додаде дека со скрининг-тестирањето за ковид-19 ќе бидат опфатени околу 1000 граѓани во Скопје, а 2000 до 3000 граѓани во другите градови.