Засега нема потреба да се укинуваат сертификатите, порача министерот за здравство Беким Сали одговарајќи на новинарско прашање.
– Според епидемиолошката состојба во државата, многу мал број се вакцинирани и сѐ уште го тераме пикот. Има благо покачување, но сѐ уште продолжува пикот на четвртиот бран. Не можеме да зборуваме за намалување на рестриктивни мерки, кажа Сали.
Не е време за молење, сега е време за дела
По вчерашната покана на министерот за здравство, Беким Сали, преку Фејсбук упатена јавно до професорите Драган Даниловски, Никола Пановски и до Вело Марковски да бидат дел од новиот состав на Комисијата за заразни болести, денес објасни дека не бил во контакт лично со нив оти пандемијата не била време за лични дискусии, туку за дела.
– Не е период за лични дискусии, молење и други начини на покани. Сега е период на засукани ракави и да се справиме со пандемијата. Во случај на пандемија, на услови во кои се бориме против еден вирус мислам дека не би требало да зборува за начинот како сме повикани, туку треба да пристапиме позитивно кон поканата и да бидеме членови на комисии и работни групи кои каде се судираат аргументи со цел доаѓање до привремени или трајни решение – рече министерот Сали.
Тој нагласи дека поканата е јавна до сите експерти, а вчера со директен пост ги поканил тројцата професори.
Професорите, пак, беа затечени од ваквиот начин на покана за членство во Комисијата и рекоа дека пред да објави покана, министерот требало да се обиде да направи констакт со нив. Своите ставови и тие ги поделија со коментари на социјалните мрежи.
Пановски, како услов за негово членство во Комисијата веќе го наведе укинувањето на вакциналните сертификати оти со распространувањето на сојот омикрон станале безначајни.
Министерот Сали за барањето за укинување на сертификатите денес рече дека се уште не е време оти земјата уште е во пикот на овој бран, со благо покачување на бројот на хоспитализирани кој расте последните десет дена.