Фото: Васка М. Младеновска

По појавата на коронавирусот и препораките на Владата за затворање на сите угостителски објекти, ресторани, кладилници, кафетерии, казина ја испразнија Битола.

За тоа како изгледаше Широк Сокак на 15 март, околу пладне, најдобар коментар даде еден наш сограѓанин, кој со одредена доза на мајтап рече „Широк Сокак никогаш не бил толку многу широк, но и толку многу празен“. Бројот на битолчани кои во неделата „се охрабрија“ да прошетаат по Широк Сокак на прсти можеа да се избројат.
Само понекој битолчанец можеше да се забележи како пешачи по Широк Сокак. Како лојални и послушни граѓани сите сопственици на кафулињата, рестораните, угостителските објекти.

Од „Јагода“ до „Буре“ на Магнолија им ставија клуч на објектите. По главната пешачка улица во градот се движеа само оние битолчани кои ја правеа својата редовна „рекреативна тура“ до Шеталиштето.

Забележавме само еден битолчанец кој пиеше кафе од автомат на една од масичките кај продавницата за цигари „Тобако“, останатите кафулиња беа затворени и празни.

Празни беа и паркинзите, а таксистите здодевно чекаа патници. Битолчани едноставно одлучија да ги почитуваат препораките на Владата и да останат дома, со своите најмили. Ваква Битола не сме виделе уште од времето кога во градот под Пелистер, поради палењето на дуќаните, беше воведен полициски час.

За тоа како изгледаше Битола неделново претпладне најдобро зборуваат фотографиите на фоторепортерот Васка М. Младеновска направени на Широк сокак. 

М.М.