фото: Зоран Антоски

Во централното основно училиште во село Србица евидентирани се четворица наставници инфицирани со ковид-19, кои поради полесната клиничка слика се наоѓаат на домашно лекување, додека учениците на кои овие наставници им држеа настава, истата ќе ја следат онлајн, за да не се случи проширување на инфекцијата на некое од децата.

– Во нашето училиште во кое наставата ја следат 75 ученици од 1-во до 9-то одделение, се регистрирани четворица наставници заболени со ковид-19. Кај овие наставници болеста е констатирана по извршените тестови и, тие претходно се повлечени од наставата и се наоѓаат на домашно лекување. Четворицата наставници им држеа настава на децата од 6-то до 9-то одделение и по овие случаи а на предлог на ЦЈЗ-Битола, учениците од овие одделенија од тогаш наставата ја следат онлајн и таа ќе се одвива на ист начин се додека овие наставници немаат два негативни теста, за да биде осигурана безбедноста на учениците. Инаку во нашето училиште наставата се одвива според сите протоколи,учениците седат по еден во клупа а најмногу ученика во една училница изнесува 9,што значи проблеми со просторна оддалеченост помеѓу учениците во нашето училиште воопшто не постои – истакна Џелил Џелили, директор на Централното основно училиште „Ѓерѓ Кастриот-Скендербег“ во Србица, каде наставата се одвива во две училишни згради.

З.А.