Хотелите од денеска повторно ќе може да примаат гости, по неколумесечната пауза поради воведувањето на мерките за спречување на ширењето на вирусот ковид-19. Стапува на сила протоколот со кој се уредуваат процедурите за хотелско-сместувачкиот дел на објектите, препораките и мерките за прием и сместување на гостите, ресторанските процедури, употребата на тоалетите, како и препораките за гостите и за постапување при појава на случај со симптоми на ковид-19.
Хотелиерите ќе мора да обезбедат дезинфекциска бариера за обувки пред влезна врата и пулт за дезинфекција на раце. Задолжително е носење заштитна маска од страна на гостите и вработените, мора да има монтажна преграда (шалтер) на рецепција од проѕирна пластика или стакло со отвор во долниот дел (само за манипулирање со клуч и документи), а хигиена на јавните простории и собите мора секој ден да се одржува со средство кое дејствува врз вируси. Задолжително е и редовно проветрување. Посочено е и плаќање со кредитна картичка како степен на заштита за да се намали ризикот од трансмисија на инфекцијата.
Се препорачува и во холот при влезот да биде истакната табла „Wелцоме“ со разбирлив текст за чекорите и препораките кои треба да се почитуваат за време на престојот (носење заштитна маска и дезинфекција на раце), а на рецепцијата, ако пултот не е доволно широк, да се обезбеди растојание од 1,5 до два метра. Монтажната преграда од проѕирна пластика може да биде заменета со дополнително носење визир од страна на рецепционерот. Може да се нудат единечни или двојни соби со прилагодувања, а во објектите со повеќе кревети дозволено е сместување гости само од едно домаќинство.
Протоколот во делот на ресторанските процедури не дозволува служење храна на шведска маса. Не е дозволено ниту послужување гости на стоење на шанк и стоечки маси. Вработените во угостителскиот објект кои послужуваат задолжително треба да носат заштитни маски и често да одржуваат хигиена на раце, а дезинфицирање на масата и столовите пред секој оброк и по завршување е задолжително.
Масите треба да се прекриени со хартиени или најлонски чаршафи за еднократна употреба или ако се користат стандардни чаршафи, тие да се перат по секој послужен гостин. Масите не треба да бидат претходно сервирани (доколку објектот има услови да постави средство за дезинфекција на секоја маса – доколку не, гостите може да го користат средството за дезинфекција поставено на влезот од ресторанот според препораките на СЗО).
Се забранува и користењето заеднички отворени садови при сервирање кечап, сенф, сосови, масла, сол, шеќери, чаеви, кои се споделуваат на повеќе од една маса. Нужни се и засилени внатрешни контроли на вработените од страна на одговорно лице за одржување на личната хигиена (често миење раце) во сите фази на подготовка, прием и послужување храна, засилени санитарно-хигиенски мерки, пребришување на масите со средство за дезинфекција кое дејствува врз вируси според упатство од производителот при заминување на гостите од секоја маса, како и на крајот на смената задолжително механичко чистење и дезинфекција.
Потенцирано е и редовното одржување на тоалетите со задолжително водење евиденција за спроведеното чистење и употреба на соодветни дезинфекциски средства. Како и досега, забрането е користење сушилки за раце во тоалетите. Се наложува задолжително користење хартиени бришачи за раце за еднократна употреба.