Министерот за здравство, Венко Филипче, на денешната собраниска седница за пратенички прашања рече дека пред неколку месеци добил понуда од рускиот амбасадор во земјата, Сергеј Баздникин, за руската вакцина „спутник 5“, но таа тогаш сè уште била во фаза на клинички испитувања, а процесот, кој гарантира нејзина безбедност, не бил целосно завршен.
– Последниве месеци тој процес заврши и таа влегува во еден од деловите на Ковакс-механизмот не како целосно одобрена. Меѓутоа, очигледно дека во официјалната група на сите производители преку Ковакс ќе стигне и руската ‘спутник’. Значи, ние ќе можеме евентуално да ја добиеме и оваа вакцина со одлука на СЗО и на алијансата Гави – изјави Филипче.
Тој потенцира дека не постоела ниту една можност да ја добиме руската вакцина во моментот кога првпат ни била понудена оти не бил завршен процесот на клиничко испитување.