Луѓето секако ќе заминеа на туристичките места. Ние не можеме да ги спречиме, важно е само тие да се придржуваат до мерките, вели министерот за здравство Венко Филипче, откако голем број граѓани го напуштија Скопје за време на полицискиот час и заминаа во туристичките места.

– Ќе има и други викенди, луѓето ќе патуваат, ние тоа не можеме да го спречиме. Времето ќе се станува поубаво, доаѓаат летни одмори, нормално е да се зголеми фреквенцијата. Но, важно е да се одржува дистанцата и да се носат маски – вели Филипче.

Тој смета дека бројката на новозаразени само како бројка не значи ништо, туку предвид треба да се земат и други параметри.

– Не е само бројката во прашање, ако не се знае како се пристапува и зошто се прават тие тестирања. Кога видовме дека има асимптоматски носители, малку поинтензивно пристапивме кон тестирање. Ако 90 проценти од новите случаи се асимптоматски, другото сценарио би била да се стават во изолација и да прекинеме со тестирања и така бројката би била пониска – рече Филипче додавајќи дека во овој момент е важно фокусот да се стави на нашата земја, без да се мисли на отворањето на границите.