Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска имал видео разговор со американската амбасадорка Кејт Мери Брнс и состанок организиран од СЗО за тоа како и после пикот ќе се организираат здравствените системи во државите и да се испланираат капацитетите на болниците.
– Заеднички е заклучокот дека оваа болест и после пикот на пациенти ќе продолжи да постои и нема да можеме целосно да ја елиминираме и веројатно ќе мора да има посебни делови од здравствениот систем посветени на пациенти кои ќе бидат позитивни на ковид-19 и на пациенти кои нема да бидат, а сè со цел да се испланираат капацитетите. Посебно во периодот на есен или зима кога веројатно сите земји ќе се соочаат, освен со пациенти заразени со ковид-вирусот, и на пациенти со сезонски грип. Ќе треба да се направи сериозна анализа и поставеност на здравствениот систем – рече министерот за здравство.
Токму затоа, според Филипче, е неопходно активирањето и вклучувањето на матичните лекари, за пациентите да се задржат на примарно ниво, а болничките капацитети да бидат слободни доколку биде потребна хоспитализација на пациенти со ковид – 19.