Фото: Маја Јаневска-Илиева

Инциденцата во последниве две недели е зголемена за 28,5 проценти, а бројот на лица што се хоспитализирани поради ковид-19 е зголемен за 15 проценти, изјави министерот за здравство Венко Филипче, соопштувајќи ги последните статистики за коронавирусот во земјава во последниве две недели.

– Ваквиот раст може да се каже дека е очекуван и ако споредиме со претходните бранови, процентот на хоспитализирани лица е намален, најверојатно поради фактот што има поголем број млади лица кои се заболени, а има и лица кои се вакцинирани, а заразени – рече Филипче.

Во моментов поради ковид-19 се хоспитализирани 518 пациенти, што е 6,4 отсто од активните случаи. Во следната недела ќе се прави секвенционирање за да се види со кој сој се заразени активните случаи.

– Во делот на вакцинацијата има стагнација, па оттаму апелирам што повеќе луѓе да се вакцинираат – рече Филипче.

Кај малолетната популација, вели Филипче, има 1.068 активни случаи со ковид-19. Две деца се на кислородна поддршка, а хоспитализирано е и двомесечно бебе, но нивната здравствена состојба е стабилна.

– Сега сме во фаза каде гледаме и во други земји дека има покачување на бројот на случаи, но вакцинираните лица имаат полесна клиничка слика и тоа веројатно така ќе биде генерално. Постепено се вратија животните навики и во случајов најважно е да не се прекршуваат протоколите и што повеќе луѓе да се вакцинираат – изјави Филипче.