Се воведува кризна состојба во општините Дебар и Центар Жупа, откако вчера беа пријавени уште четири лица заболени од коронавирусот поради контакт со претходно заболениот брачен пар од Дебар. Тоа значи ограничување на движење на луѓето што живеат во тие места, но и на влегување и излегување од нив. Министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција посочи дека за кратко време ќе се разработи оперативен план како и на кој начин ќе се функционира во овие места.
– Радикалните мерки ги преземаме зашто тие веќе дале резултати во Кина и во Италија. Учиме од туѓите искуства – посочи Филипче.
Според него, буџетот во рамките на Министерството за здравство е насочен кон делот во зајакнување на капацитетите на институциите, кои треба да ги третираат болните од коронавирусот, односно кон набавка на апарати и дополнителна опрема.