Премиерот Оливер Спасовски, придружуван од вицепремиерот Бујар Османи, министерот за здравство, Венко Филипче, и министерот за образование и наука, Арбер Адеми, денеска остварија средба со епидемиолозите и директорката на Општата болница во Куманово.
На средбата се разговараше за моменталната состојба во болницата и беа разменети искуства за надминување на тековните проблеми.
Премиерот Спасовски истакна дека во Куманово е остварен најголем процент на направени тестови.
– Со континуираните заложби што ги прават лекарите и медицинскиот персонал во болницата, заедно со епидемиолозите во Центарот за јавно здравје во општината и матичните лекари, ќе успееме да застанеме на патот на ширењето на вирусот. Уште еднаш апелирам да се почитуваат препораките за физичка дистанца, особено зашто ни претстојат велигденските празници. Така најмногу ќе му помогнеме и на здравствениот персонал во Куманово кои се во првите редови во справувањето со коронавирусот – истакна премиерот.
Министерот за здравство, Венко Филипче, рече дека Куманово се издвојува со зголемен број дијагностицирани пациенти во последните неколку дена, но дека вработените во болницата се на висината на својата задача и врвно ги извршуваат своите обврски.
– Денеска спроведовме тестирање кај 210 вработени со серолошки тестови. Резултатите до сега покажаа дека нема суспектни медицински лица и тие се во добра здравствена состојба. Со оваа стратегија на тестирање ќе продолжиме и понатаму и ќе ја применуваме на целата територија на државата прво меѓу здравствените работници, а потоа и меѓу граѓаните – соопшти Филипче.
Премиерот Спасовски и министерот Филипче упатија честитки за досегашната работа на целиот тим во болницата за досегашното успешно справување со коронавирусот и истакнаа дека од средбата заминуваат со сознанија кои ќе помогнат како да се постигне поголема ефикасност во справувањето со епидемијата во општината, како и за дополнителните можности за зајакнување на персоналот во болницата.