Во третата сабота откако повторно е отворен кичевскиот зелен пазар, конечно и понудата е далеку поголема, со враќањето на пазарот на продавачите од традиционалните земјоделски центри, од каде Кичево претежно се снабдува со зеленчук и овошје.Токму продолженото слободно време им овозможи на тезгаџиите без притисок да останат на пазарот подолго, за разлика од претходните две саботи кога полицискиот час започнуваше од 14 часот.
Тоа ни го потврдија и самите трговци и земјоделци кои со својата понуда беа присутни на кичевскиот пазар.
– Бидејќи во претходните две саботи полицискиот час започнуваше многу рано (14 часот – н.з.), не беше воопшто исплатливо да помислиме, а камоли да дојдеме на кичевскиот зелен пазар и да ја понудиме својата стока. Денес полицискиот час започнува многу подоцна, во 19 часот, што ни овозможи во текот на целиот ден да останеме на зелениот пазар во Кичево и пред почетокот на полицискиот час да се вратиме дома. Во наредните саботи секако и понудата ќе биде поголема, бидејќи информацијата дека е отворен кичевскиот зелен пазар ќе допре до сите земјоделци и трговци кои редовно биле присутни во овој град – истакнаа земјоделци од Кавадаречко.
Покрај кичевскиот зелен пазар од денеска започна со работа и добиточниот пазар, така што сите оние кои се заинтересирани да продаваат или да купуваат добиток, ќе можат да го посетат овој пазар.
За да бидат стандардите целосно застапени и опасноста од коронавирусот да биде надмината ЈКП „Комуналец“ Кичево, компанијата што стопанисува со зелениот пазар, деновиве изврши целосна дезинфекција на сите површини на зелениот пазар и на празните тезги и на овој начин им обезбеди на присутните, без страв да можат да продаваат или да купуваат.
– Во изминатите три дена, нашата компанија на зелениот пазар спроведе интензивна акција со која сите површини како и тезги, беа дезинфицирани и на овој начин целосно е загарантирана сигурноста и избегната опасноста од ковид-19, на сите оние кои што ќе ја нудат стоката на нашиот пазар или на граѓаните кои ќе го посетат пазарот за да се снабдат со неопходните количества на зеленчук и овошје – истакна Ариф Алими, раководител на кичевскиот зелен пазар.