Во Македонија во моментов бројката на заболени од коронавирусот е 908, во 20 градови во државата, најмногу во Скопје и во Куманово. Симптомите на кои се жалеле лицата кои биле дијагностицирани се веќе познати, температура, кашлица, малаксаност, треска, болка во грло… Но, она што е наведено во последниот дневен извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) е дека кај 276 лица од заболените, што претставува 30,4 отсто, или кај една третина, не биле регистрирани никакви симптоми на заболувањето пред да се тестираат.

Тоа се практично асимптоматските заболени лица за кои во неколку наврати потенцираше и министерот за здравство Венко Филипче, кои се преносители на вирусот, а не знаат дека се болни.

Истото ова се случува и на светско ниво. Си-ен-ен неодамна објави дека податоците од Исланд покажуваат дека 50 отсто од позитивните на коронавирус биле без симптоми, а САД проценуваат дека до 25 отсто од носителите на вирусот се асимптоматски. Токму поради овие податоци, водечките здравствени експерти во САД ги преиспитуваат досегашните препораките за носење заштитни маски.

Вчера во земјава беа детектирани 54 новозаболени – 22 женски и 32 машки лица. Најголем дел од нив имаат од 30-39 години и од 50-59 години.

Само кај 13 од нив е регистрирано присуство на коморбидитети, односно хронични заболувања. Двесет и три веќе имале контакт со потврден случај на Ковид-19 во државата, а четворица биле вратени од патување во последниве 14 дена.

За останатите, не се знае на кој начин се заразиле, како што впрочем е и примерот со пратеничката Кети Смилеска од СДСМ од Прилеп, која рече дека од февруари годинава била дома и со контакти единствено во рамките на семејството.

Вчера на Клиниката за инфективни болести и во болницата „8 Септември“ починаа шест лица, од кои тројца имале хронични проблеми, а останатите претходно биле здрави. Само еден од нив претходно имал контакт со веќе потврден случај во државата на ковид-19.

Последниот извештај на ИЈЗ покажува дека во Скопје и во Куманово има најмногу заболени од Ковид-19, но дека смртноста е највисока во Струга и во Тетово.

Во Скопје, од 329 заразени има 7 смртни случаи (2,1%), во Куманово од 236 заболени од коронавирусот, има 12 смртни случаи (5,1%), во Тетово од 38 заболени има четворица починати (10,5%), а во Струга од 43 заболени, починале осум лица (18,6%).

Возраста на заболените во земјава се движи до старост од 91 година, но најголемиот број заболени се на возраст од 50-59 години (21,8%).

Најмладите пациенти заболени од коронавирус се четиримесечно бебе и двегодишно дете за кои вчера министерот за здравство, Венко Филипче, информираше дека се во добра здравствена состојба.