Во моментов на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби се хоспитализирани девет пациенти, од кои осум се позитивни на вирусот, а по вториот контролен тест, првозаболената е негативна на вирусот, што значи дека таа не е повеќе инфективна, но останува на болничко лекување до нејзиното целосно закрепнување, соопшти утринава Министерството за здравство.

Министерот Венко Филипче, синоќа соопшти дека вчера попладнето на коронавирус биле тестирани четирите лица од Струмица – поврзани со првата пациентка. Нивните тестови се негативни на вирусот. Исто така, биле тестирани и други осум сопатници од Скопје на истата пациентка и нивните резултати се негативни на коронавирусот.

– Практично, сите сопатници од комбето на првозаболената кои во изминатите две недели беа во домашна изолација се негативни на вирусот – наведе Флипче.

По последната информација дадена во текот на вчерашниот ден од Министерството за здравство, на коронавирус беа тестирани уште седум лица со индикации и нивните тестови се негативни.