Владата ги прифати измените и дополнувањата на рестриктивните мерки согласно препораките на Комисијата за заразни болести, утврдени како предлози на 39-тата седница на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на ковид-19, соопштија владините служби.
Почнувајќи од денеска, 1 јуни, утврдени се следните измени и дополнувања:
Се укинува носењето заштитна маска на отворено и се препорачува да се носи кога лицата се во поголема група. Останува задолжителното носење заштитна маска во јавен превоз, такси превоз и во сите затворени простори.
Се дозволува присуство на публика на спортски натпревари кои се одржуваат на отворено до 30% од вкупниот капацитет на посетители.
Се укинува забраната за групирање на јавен простор.
Се дозволува организирање свадби, прослави, веселби на отворен простор (летни тераси) до максимум 100 лица, но не повеќе од 50% од капацитетот на просторот и до максимум 6 лица на маса.
Се зголемува бројот на лица на една маса во угостителските објекти од 4 лица на 6 лица со обезбедување дистанца помеѓу лицата на масата.
Се препорачува укинување на мерката за работа во смени и од далечина и продолжува да важи забраната за движење од 24:00 до 04:00 до 15.06.2021 година.
На оваа седница Владата го донесе Протоколот за организирање свадби/прослави и веселби.
Владата денеска го прифати барањето на Одбојкарската федерација на Македонија претстојниот финален турнир од Европската сребрена лига за мажи, кој на 5 и 6 јуни ќе се одржи во Спортската сала „Парк“ во Струмица и на кој ќе учествуваат националните селекции на Северна Македонија, Данска, Хрватска и Унгарија, да се организира со присуство на публика со исполнет капацитет не повеќе од 30%, и со дистанца од 1,5 метри меѓу секој гледач, информираат од таму.
На денешната седница Владата го усвои Записникот од Тринаесеттата седница на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи и го утврди Предлогот на одлуката за изменување на Одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на територија на Република Северна Македонија, заради заштита на јавното здравје во услови на постоење на Пандемија прогласена од Светската здравствена организација од заразната болест Ковид-19, со која се предлага на Собранието на Република Северна Македонија да одобри продолжување на рокот за постоење на кризната состојба до 31 декември 2021 година.