Фото: Игор Бансколиев

Министерството за здравство информира дека поради зголемениот интерес за вакцинација од утре се отвораат дополнителни четири пункта за имунизација против ковид-19. Пунктовите во Скопје кои ќе започнат со работа утре се Поликлиниките Бит Пазар, Драчево, Ченто и Ѓорче Петров.

Во две смени ќе работат пунктовите во Чаир, Јане Сандански, Букурешт и Бит Пазар. Во прва смена ќе работат Шуто Оризари, Драчево и Ченто.

– Вакцини има доволно, во сите пунктови се надополнуваат подеднакво потрошените количини. На располагање се околу 400.000 дози од вкупно сите производители од нив 200.000 за прва доза. За прва доза имаме 80.000 на „Синовак“, 50.000 на „Астра зенека“ и 70.000 на „Фајзер“. Секоја недела пристигнуваат по околу 20.000-30.000 на „Фајзер“ и оваа пратка ќе продолжи да пристигнува и во следните недели до крајот на годината – соопшти министерството.

Оттаму додаваат дека вакцините се безбедни и се единственото оружје со кое располагаме во борба против ковид-19. Вакцините штитат од тежок тек на болеста и од смртен исход од вирусот.

– Само со масовно вакцинирање на населението може да ги спречиме натамошните мутации на овој вирус и затоа, повикуваме на вклучување кон процесот на имунизација на сите граѓани – велат од Министерството за здравство.