Наместо да работи на почитување на мерките од страна на граѓаните и санкционирање на прекршувањата, министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, во време на епидемија со коронавирусот, се однесува неодговорно и несериозно, а приоритет му е одбрана на неговиот шеф Мицкоски за случајот со теретаната, а не заштита на јавното здравје, велат од СДСМ преку соопштение.
Од владејачката партија нагласуваат дека изјавата на Чулев оти граѓаните не треба да бидат казнувани заради непочитување на мерките и задолженијата придонела за масовно непочитување на мерките од страна на граѓаните.
– Полицијата предводена од Чулев не презеде ништо ни кога се прекршуваа забраните за собири, кога масовно се прекршуваа забраните за движење, а и самиот Чулев организираше јавни собири без почитување на мерките. Сега, за жал, стигнува сметката за неказнувањето и неработата на Чулев преку зголемувањето на бројот на заразени со коронавирус во земјата. Ова е само уште еден доказ за несовесното и незрело однесување на Чулев и ВМРО-ДПМНЕ кои на овој начин дејствуваат против јавното здравје. Чулев по налог на Мицкоски не само што не помага, туку и одмага во борбата против коронавирусот – велат од СДСМ.
Од партијата додаваат дека изборите се решение за незрелото, неодговорно и несериозно однесување на Христијан Мицкоски и неговите кадри во техничката влада. Од СДСМ порачуваат дека на државата и се потребни институции со полн капацитет кои ефикасно ќе се справат со последиците од актуелната пандемија, но и ќе бидат подготвени за новиот бран кој по сите најави се очекува наесен.