Министерството за здравство ја објави анализата на вакцинирани од позитивни случаи со ковид-19, во периодот од 6 август до 14 октомври. Според анализата, за вакцинирани се сметаат лицата кои биле вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втората доза вакцина.
Како што информираат од ресорното министерство, во споменатиот период на територија на државата 40.208 граѓани биле позитивни на ковид-19, а од нив 25 отсто биле целосно вакцинирани, односно 10.066 лица. Од министерството посочуваат дека сепак и натаму осанува голем бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со ковид-19.
– Според статистиката за изминатите два месеца, 30.142 граѓани, односно 74,9 отсто од позитивните на ковид-19 не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 79 отсто, додека само 21 отсто од сите моментано хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани – се наведува во соопштението.
Анализата покажува и дека смртноста кај невакцинираните е драстично поголема.
– Во периодот од 6 август до 14 октомври на територија на државата починале 1.382 пациенти со ковид-19, од кои 1.149 пациенти, односно 83% не биле вакцинирани, а само 17%, односно 233 примиле вакцина. Според анализите починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас – велат од Министерството за здравство од каде уште еднаш укажуваат на важноста од вакцинација.