Грција ѝ донира 100.000 вакцини од „Астра зенека“ на Македонија. Истите веднаш ќе бидат дистрибуирани по вакциналните пунктови и наменети за лица над 60 години.
– Денес пристигна донација од 100.000 вакцини на производителот „Астра зенека“ од нашиот сосед Република Грција. Уште еднаш се потврдуваат добрососедските односи и поддршка кои се особено значајни во време на пандемија. Голема благодарност до грчкиот народ и амбасадорот на Грција во нашата земја, Н. Е Русос Кундурос со кој утрово ги пречекавме вакцините – напиша министерот за здравство, Венко Филипче, на Фејсбук.
Тој информира дека вакцините ќе бидат дистрибуирани по вакциналните пунктови и наменети за лица над 60 години согласно стратегијата за вакцинација.
– Вакцинацијата забрзува и од понеделник сите граѓани ќе може без закажан термин да се вакцинираат – потсетува Филипче.